Фирмата „Јана вода“ заедно со Невладините организации „Арт Лајф“, „Суна“, „Банка за храна Македонија“ и „Уметност на живеење Македонија“ по повод Светскиот ден на водата 22 Март, утре (петок) во градинката „Раде Јовчевски Корчагин“ – Скопје, ќе одржат едночасовна работилница. Темата на работилницата е здраво живеење и значењето на водата, како еден од изворите на доброто здравје.
Целта на оваа работилница е негување на доброто здравје, создавање на здрави навики кај децата уште од мали нозе, како и создавање на чувство за огромното значење на водата,нејзината заштита и неконтролираното искористување.
Работилницата ќе започне со интерактивна комуникација со децата и разговор околу значењето на водата за човекот, неговото здравје, животните, растенијата и воопшто за планетата Земја, како и едноставни примери за тоа како може да штедиме и да ја заштитиме водата од непотребно искористување и загадување.
Понатаму работилницата ќе продолжи со тимски игри, а “Вода Јана” ќе обезбеди вода за сите учесници и нивни стручни лица ќе говорат за водата. За време на работилницата децата ќе имаа можност и практично да ги почувствуваат вежбите и игрите како важна компонента за добро здравје и правилен психо-физички раст и развој на децата. Редовната физичка активност е важен дел од здравиот начин на живеење уште од најмали нозе. Важно е да се поттикнат навиките за вежбање кај децата уште од најрана возраст, за таа да стане неразделен дел од нивниот секојдневен живот.