Со изложба и со промоција на монографијата за животот и творештвото на Василие Поповиќ Цицо, што ќе се одржи во понеделник (3 декември, галерија „Графички колектив“) во Белград – Србија, ќе се одбележат 50 години од смртта на основоположникот на карикатурата во Македонија.
Во изработката на монографијата учествуваа повеќе институции и поединци од Македонија и од Србија. Покрај воведниот текст, напишан од ќерката на Цицо, историчарката на уметност Гордана Поповиќ Васиќ, во монографијата се застапени и анализи кои обработуваат одделни сегменти од творештвото на Василие Поповиќ, чии автори се д-р Владимир Величковски и д-р Јелена Лужина, професори на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, м-р Љубица Дабиќ, советник во белградскиот Воен музеј и Љиљана Ќинкул, управител на галеријата „Графички колектив“ во Белград. Исто така, и текстовите – сеќавања на Цицо Поповиќ, напишани од неговите пријатели, писателите Матеја Матевски, и веќе починатите Славко Јаневски и Коле Чашуле.
Овој проект наиде на големо разбирање од страна на Министерството за култура на Република Македонија, исто како и одделни институции во Скопје, нивните директори и соработници. Монографијата ќе има и македонска промоција, а ќе биде отворена изложба и во Скопје. Настаните се планирани за почетокот на 2014 година, кога ќе се навршат 100 години од раѓањето на големиот карикатурист.
Цицо Поповиќ е роден во Скадар (12 февруари 1914). Најголемиот дел од својот творечки опус го реализирал во Скопје, каде што живеел се до својата смрт (10 декември 1962), оставајќи зад себе огромно наследство од слики, карикатури и сценографии. Исто така, Цицо е дизајнер и на грбот на НР Македонија, кој и денес е официјален државен симбол, само без петокраката ѕвезда.