Во продажба се пуштени влезниците за тринаесеттото по ред издание на OFF-Fest, што оваа година ќе се одржи од 30 мај до 5 јуни, во организација на Скопскиот џез фестивал.
Оргаизаторите информираат: „Цената на влезницата за концертот на виртуозниот унгарски виолинист Феликс Лајко, кој ќе настапи во дует со Антал Брашњо, што ќе го отвори OFF-Fest на 30 мај во Киното Фросина, изнесува 300 денари. Билетот за концертот на легендарниот Мулату Астатке и најжешката македонска музичка атракција Фолтин (1. Јуни, Универзална сала) се продава по цена од 700 денари.
Посетителите ќе уживаат во магијата на Конго, највозбудливата африканска сцена претставена од харизматичниот Jupiter и неговиот бенд Okwess International (3 јуни, клуб „Станица 26“) за 400 денари. За концертот на маестралните јужнокорејски инструменталисти, групата Geomundo Factory кои на 4 јуни во МОБ ќе ја делат сцената со популарниот словенечки пејач и кант-автор, Зоран Предин, посетителите ќе плаќаат 500 денари. И конечно, влезницата за медитеранската завршница на 5. јуни во МОБ – најголемата нова фадо атракција Carminho и инспиративниот женски квартет Las Migas, ќе чини 700 денари.
Билетите за годинешниот OFF-Fest може да се набават во: Југотон Рекордс, Универзалната сала и МОБ, како и онлајн на www.mktickets.mk. Сите концертни вечери на OFF-Fest започнуваат во 20 часот, освен концертите на Феликс Лајко/Антал Брашњо (21:00) и на Jupiter & Okwess International (22:00)“.