Со подигнувањето на знамето на Крушевската Република и со традиционалните свечености на Гумење крај Крушево, в среда вечер (први август) по 51-ви пат ќе бидат отворени Културно-научните средби „10 дена Крушевска Република“.
Манифестацијата годинава е во знакот на 115-годишнината од Илинденското востание и 40-годишнината од традиционалниот марш на коњаницата.
Свеченото отворање на манифестацијата е на први август од 20:30 часот на Гумење кога и ќе бидат доделени плакети на заслужни за развојот и одржувањето на Културно-научните средби „10 дена Крушевска Република“ на: „Илинденски марш“ како и постхумно, на Христо Христоски Мулар.
Претходно, на први август, делегации ќе ја посетата Спомен-куќата на Смилевскиот Конгрес и ќе положат свежи цвеќиња цвеќе пред споменикот на Дамјан Груев. Во Крушево ќе се одржи изложба со традиционални влашки носии, подготвена од м-р Ванѓа Димитријева-Кузманоска, од Универзитетот „Гоце Делчев” од Штип.
По 18 часот на први август е пречекот на коњаниците пред столбот на Крушевската Република, а потоа коњаницата ќе се движи кон Гумење.
Делегации ќе положат свежи цвеќиња пред бистата на Веле Марков, на гробот на Питу Гули, на гробот на Тоше Проески, пред Споменикот на партизанските гробишта и во средината во криптата на илинденските востаници. Отворањето на Манифестацијата на 1 август ќе заврши со импровизираниот напад на Крушево и со богат огномет.
На 2 август, на Илинден, на Мечкин Камен ќе се обрати претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и, како дел од манфиестацијата, ќе настапат неколку културно уметнички друштва.
Манифестацијата „10 дена Крушевска Република“ ќе понуди богати содржини до 10 август, меѓу кои: одбележување на влашката култура, манифестација посветена на унгарската култура, театарски претстави, концерти, ридско-брзински автомобилски трки, изложби…