Деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи 16 до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје.
„Маке Докс“ и годинава ќе донесе пресек на најновото и најкреативното во документарната кинематографија сместено во повеќе програмски сегменти, како Главна програма, Нови автори, Кратки документарци, Студентска програма и две програми за деца и млади.
На „МакеДокс 9“ ќе бидат прикажани 70-тина филмови, ќе бидат присутни исто толку гости, а филмовите ќе се натпреваруваат за наградите „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ за најдобар студентски филм, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, а сите влегуваат во конкуренција за Наградата за филм со најдобри етички идеи.
„Со големо задоволство можам да истакнам дека годинава ќе имаме филмови од многу земји и што ќе ни дојдат гости од Индија до Исланд. Додадовме еден ден плус и фестивалот ќе се одвива во осум денови“, рече Петра Селишкар, селекторка на главната програма на „МакеДокс“, која потенцира дека годинава многу силна ќе биде селекцијата Нови автори.
На отворањето на фестивалот, на 16 август во Куршумли ан, ќе бидат прикажани краткиот филм „Вај-фај Плаза Куба“ на Андријан Келтерборн и долгометражниот документарец за мачките во Истанбул, со наслов „Кеди“ на Цејда Корун. По филмската програма на отворањето ќе следува концерт на „Џими Барка Експириенс“.
Мото на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ е „Реалноста режира, ние правиме филмови“ со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм. Во тој правец на „МакеДокс 9“ ќе бидат одржани две филмски работилници и двете ќе се случуваат во Музејот на современата уметност во Скопје.
Во светот на режирањето реалност ќе нè воведе Пирјо Хонкасало од Финска. Работилницата е организирана со поддршка од Media Creative Desk Macedonia и ќе трае три дена (17-19 август), секој ден од 10 до 13.30 часот. Пирјо Хонкасало е призната и многупати наградувана режисерка и сценаристка на документарни филмови и е првата финска филмаџика која снимила игран филм. Таа е членка на Американската филмска академија со над 30 ретроспективи низ целиот свет.
На втората работилница „Режирање реалност“ на Војцех Старон од Полска, која ќе трае од 20 до 22 август, учесниците ќе (на)учат како да разговараат со публиката користејќи подвижни слики и едноставност. Војцех Старон е полски снимател и режисер на документарни филмови кој студирал на престижната филмска школа во Лоѓ. Неговиот „Аргентинска лекција“ е меѓу најнаградуваните документарци во поново време. Член е на Европската филмска академија и на Полското здружение на сниматели. На Берлиналето во 2012 година ја доби „Сребрената мечка“ за најголеми остварувања во кинематографијата, а на „Браќа Манаки“ во 2013 година се закити со „Бронзената камера“ за филмот „Кукла“. Работилницата се случува со поддршка на Филмската фондација на Краков.
Војцех Старон ќе биде дел и од серијата настани поврзани со земјата во фокус – Полска. Со наслов „Полска во срцето“ на фестивалот ќе бидат прикажани 12 документарци од современата полска филмска продукција. Средбите „очи в очи“ со авторите од Полска, но и со другите гости на фестивалот, ќе се случуваат „Под смоквата“. Како најава на „МакеДокс 9“ на 11 август веќе се одржа „Полски пикник“ со десет наградени филмови од Филмскиот фестивал во Краков. Отворањето на програмата на полски документарци, на 17 август, ќе биде проследено со перформанс по идеја на пријателот на „МакеДокс“ од Белград, Владан Царчиќ – Цар.
На „Македокс 9“ ќе се реализира и фотографска работилница за таканаречениот „мокар колодиумски процес“, постапка која во фотографските кругови е позната како „мокра плоча“, со која се навраќаме на старите фото-технологии. „Мократа плоча“ е фотографски процес од 19-тиот век. Работилницата ќе трае 4 дена, од 18-21 август, и ќе се одржува во Куршумли ан. Предавачи на работилницата се Сашо Н. Алушевски, фотограф, и Предраг Узелац, самостоен фотографски соработник и асистент на Академијата за уметности во Нови Сад, Србија. За време на фестивалот и посетителите ќе можат да се фотографираат на „мокра плоча“. На отворањето на фестивалот, на 16 август во Куршумли ан, за првпат во Македонија ќе биде отворена раритетна изложба со фотографии изработени со колодиумски процес. Автор на изложбата е Сашо Н. Алушевски, кој ги портретираше членовите на екипата на „МакеДокс“.
Отворањето на студентската програма на 18 август ќе се случи на платото пред Музејот на Македонија со пладневниот пикник заедно со „Синестетика“, на кој млади уметници ќе ги продаваат своите ракотворби. Филмската програма содржи 13 документарни филмови.
На „Македокс 9“ ќе се одржат и филмските премиери на првата генерација „Докуникулци“, кои се резултат на филмската школа за документаристика која „МакеДокс“ ја почна минатата година. На 21 август, во 18 часот, во Музејот на современата уметност ќе биде прикажан филмот „Адолесцензура“, на 21 август во 20.30 часот на платото пред Куршумли ан ќе биде прикажан филмот „Поглед во очите“, додека на 22 август во 21 часот во Куршумли ан премиерно ќе биде прикажан филмот „Поинакви“.
На 23 август, од 14 до 16 часот, во Музејот на современата уметност ќе се одржи Панел-дискусија „Улогата на филмот во деинституционализацијата“ заедно со Вито Флакер (професор по социјална работа од Словенија), Дамијан Ненадиќ (режисер на филмот „Денови на лудило“), Ана Замецка (режисерка на филмот „Причест“) и автор(к)ите на кратките документарни филмови на првата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“.
Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје.