Поезија од Владимир Мартиновски објавена во Индија

Во новиот број на водечката индиска електронска книжевна ревија, „Инчентин версис“, на издвоено место, како избор на редакцијата (Editor’s Choice), деновиве беа објавени песни преведени на англиски јазик и био-библиографија на поетот Владимир Мартиновски.

„Инчентин версис“ е индиско списание за литература, кое првенствено е фокусирано на современата светска поезија и се објавува на англиски јазик. Редакцијата на списанието има интернационален состав и во него освен писатели од Индија, се вклучени и автори од САД, главно универзитетски професори, а уредник-консултант од Македонија е поетот Јовица Тасевски – Етернијан.

Актуелен главен уредник е еден од најпознатите помлади индиски поети, Сонет Мондал, а гостин-уредник на овој број беше афирмираниот австралиски поет, м-р Брентли Фрејзер, кој во моментов е докторант на Универзитетот Грифит. Новиот број на „Инчентин версис“ е посветен на еминентниот англиски поет Тед Хјуз, добитник на „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Инаку, освен поезија, во списанието се објавуваат и критички осврти за поетски книги, како и научно-истражувачки трудови за познати светски автори.

Владимир Мартиновски (1974) e поет и професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност, при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Автор е на книгите: „Од слика до песна“ (книжевна студија, 2003), „Морска месечина“ (хаику и танка, 2003), „Скриени песни“ (хаику, 2005), „И вода и земја и оган и воздух“ (хаику, 2006), „Споредбени триптиси“ (студии и есеи, 2007), „Les Musées imaginaires“, (книжевна студија, 2009), „Ехо од бранови“ (хаибуни, 2009), „Слики за читање“ (книжевна студија, 2009), „Квартети“ (поезија, 2010), „Побрзај и  почекај“ (2011) и „Пред и по танцот“ (поезија, 2012).

Негови поетски дела (главно хаику) се објавени на англиски, албански, грчки, јапонски, полски, словенечки и српски јазик. Добитник е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

You May Also Like