Реконструирана Саат-кулата во Прилеп

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (четврток, 21 март) престојуваше во работна посета на Прилеп, каде заедно со градоначалникот Марјан Ристески ја промовираше реконструираната Саат – кула, која е значаен споменик на културата од 19 век и симбол на градот.

Според министерката Канческа-Милевска, реализацијата на овој проект на дело ја потврдува грижата на Министерството за култура и на локалната самоуправа за заштитата и вреднувањето на културно-историското наследство без разлика во кој период е создавано. Таа појасни дека во наредниот период е планирана поправка на механизмот на саатот со што ќе се овозможи градскиот часовник да ја остварува својата функција. Министерката за култура појасни дека и останатите проекти од областа на заштитата на културното наследство кои се реализираат во Прилеп ќе придонесат да се зачува вредното културно наследство кое го поседува овој град.

Канческа-Милевска и Ристески денеска ја посетија и киносалата во рамките на Центарот за култура, простор кој според проектот на градоначалникот комплетно ќе биде реконструиран. Како поддршка на проектот министерката за култура го предаде и новиот дигитален проектор.

Основна заложба на Владата на РМ и Министерството за култура беше, заедно со локалните самоуправи да ја збогатиме културната понуда во сите градови од нашата држава, граѓаните да имаат можност да ја уживаат кино културата, да ги видат најновите светски филмски остварувања, да се запознаат со актуелното македонско и светско филмско творештво“, резимираше Канческа-Милевска.

You May Also Like