Изложбата под наслов „Метаморфоза“ е во организација на ДЛУМ- Друштво на ликовни уметници на Македонија, во рамки на Скопско лето 2014.
Изложба или поточно ликовнен перформанс под отворено небо, под наслов „МЕТАМОРФОЗА“ ќе биде отворен овој понеделник (23ти јуни) на локациите на централното градско подрачје (Дом на АРМ, плоштад Македонија и плоштад Филип II).
Во овој проект, на кој како куратор се јавува Христијан Санев ликовен уметник и член на раководството на ДЛУМ, учествуваат повеќе автори: Гордана Вренцоска, Исмет Рамиќевиќ, Деспина Крстевска, Филип Фидановски, Ели Аиноска, Јана Манева Чупоска и Јовица Мијалковиќ, кои со своите дела работени во повеќе ликовни медиуми имаат за цел да одговорат на овој предизвик.
“Во оваа брзо и хаотично секојдневние на интереси, во областа на истражувањето, уметниците се движат во две насоки: едната води кон човекот (авторот) внатрешно, во потрага по приватни простори и лични идентитети, а вториот кон надвор: неговата околина, во потрага по нови светови и нови хоризонти. Современиот визуелен дискурс во двата случаи нуди нови интригантни можности во изразувањето, неограничувајќи го ликовниот говор притоа ширејќи ја ликовната синтакса во импозантни неограничени размери. Проширување во смисол на формално ослободување и концепциско отворање, морфолошка трансформација и мутација, метаморфоза на простор, време, енергија, вибрација, синтезиски ефекти и просторно временски скокови…но пред се во контекст на разбирањето на уметноста во современа консталација, како животна категорија и значаен дел во денешното опкружување.“ вели Санев во дел од своето излагање.
Овој вечерен ликовен перформанс е со почеток во 20ч а посетителите ќе можат да ги посетат локациите се до 24ч. Дел од авторски дела можат да се посетат само одредени саатници и тоа: Ликовниот перформанс на Јовица Мијалковиќ – 20:30ч Плоштад Филип II, ликовно театарскиот перформанс на Јана Манева Чупоска – 21:00ч, излог на продавница Calliope (City Galery) и ликовниот перформанс на Филип Фидановски -22:30ч, ресторан Тиволи (ул. 11 Октомври – плоштад Македонија), останатите ликовни дела ќе бидат видливи во текот на целата вечер.