Според Ѓоргиев, ваквата атмосфера доминирала и на  состаноците на Комисијата.  Неговите бугарски колеги во разговорите избегнувале во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“, „македонска култура“. До неодамна, во записниците за работата на Комисијата се користеле термините „македонската страна“ и „бугарската страна“, но од последните два состанока во употреба бил друг термин: „историчарите од Република Северна Македонија“. Избегнувањето на придавката „македонски“ го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.

-Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја  од втората половина на 19. век до 1944 година, и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија, вели Ѓоргиев.

Според него, ако сме две земји со испреплетена историја, и ако Бугарија очекува да израснеме во однос на некои прашања од минатото, тогаш и Бугарите треба да израснат во однос на прашања од сегашноста.

-Само така може да се направи чекор напред, вели Ѓоргиев, кој во потегот на БАН не гледа пример што води кон тоа.

Извор: Лидер.мк