Наталитет и демографијa

Деновиве повторно се отвори дебатата на тема наталитет и демографија. Иако низ годините опсесијата беше по табори (вашите, нашите) дали има повеќе Македонци, Албанци, Роми, Срби, Власи, сега веќе тоа е ирелевантно, небитно. Се намалуваат сите! Порано се празнеа селата, сега и градовите ги снемува. Видете ги само бројките за општина Гостивар на пример, и се ќе ви е јасно.

Нема потреба воопшто од муабет за тоа дали некој ќе се даночи екстра, или не! Делбата да оние кои се во брак и оние кои не се, нема врска во наталитетот. Прост пример ќе го земам САД и големиот дел од афроамерикаците. Огромен дел од децата се креираат во вонбрачни заедници, или децата се одгледувани само од еден родител, но деца има. Прашањето е нешто друго. Не е ни до стандардот, туку до квалитетот на живот, но и она што на популацијата и се наметнува како вредности.

Да почнеме од условите за живот. Дали приметувате дека најголемиот притисок за живеење е во Карпош, па Центар, па Аеродом и Кисела Вода? Зошто?! Квалитет на живот, училишта, градинки, спортски објекти, брзи сообрачајници, маркети, јавен превоз, парно греење. Колку повеќе од наведениве работи ги има, толку повеќе одредено место е атрактивно. Следствено на тоа и поскапо. А стандардот е тој! Автоматски луѓето живеат во помали станови, и се одлучуваат на едно, максимум две деца, и живеат тесно и класутрофобично. Порано сите одевме на родендени по дома, сега се собираме во игротеки. Порано со становите имаше и ширина и паркинг простор, сега истиот доколку го сакате ќе треба да одвоите значајна сума, за подрум исто така.

Која ми е поентата основна? Уништени се селата и малите градови! Популацијата таму расте. Големите градови се полнат воглавно со доселени лица, и семејствата се мали. Значи, за демографски развој треба здраво село и мали градови, а тие ни се на раб на исчезнување. Едно Крушево има куќи за да смести над 20.000 луѓе, а активно живеат една десеттина од тоа. Но, Крушево се уште се грее на дрва или струја, а се уште нема стабилно вода, па може да отидете таму ко турист во некоја вила и да не може да се искапите. Прекрасен град, со душа, убавина, историја, а народот се сели. Ништо поразнично не е со еден Ресен. Има езеро кое умира, меќу два национални парка е, природа невидена, клима, водни ресурси, и тоне. Зошто? Затоа што градиме регионални цнетрализирани институции, па сите работат во Битола, Охрид или Скопје. Дали е нешто поразлично со Берово, Пехчево, Делчево? Што се случува со Кратово, Пробиштип, Македонска Каменица? Дури и еден добростоечни регион како Струмичкиот бележи драстичен пад на популацијата, најмногу општина Ново Село, но и Василево, Босилово.

Проблемите не се само во парите и примањата, или севкупно стадардот, дури и во тие места. Таму за разлика од Скопје, или поголемите градови се локалните моќници и шерифи. Општествената и политичка моќ, и делбата, прави животот за многумина да биде неподнослив. Затоа и луѓето од поламите места си одат во Скопје, или комплет во странство.

Мислам дека концептот на децентрализација погрешно го имаме сфатено, па плод од истата имаат само тие кои се нафатира со време или моќните. Плус тоа што законот не важи еднакво за сите.

Какво судство, здравство, школство, полиција, јавен транспорт, влијае на секој еден, а и медиумската атмосфера, која сите ги држи во некаков грч и неизвесност. Едноставно, обичниот човек се бори, но не верува дека ќе има излез, правда и дека може да обезбеди иднина на некое ново поколение.

Каде го гледам решението? Да не биде дека само таксативно ги нафрлам и констатирам проблемите.

Можност за работа од дома или флексибилно работно време. Достапни градинки и во малите гратчиња и селски средини. Правилна селекција и професионализација на кадри и во граинките и во училиштата, и во здравствените установи. Дисперзација и финансиска стимулација за докторите во помалите места, но и гинеколози и педијатри во секое место со барем 1000-2000 жители (како да живее некој во Крушево и да раѓа деца, ако нема каде да се породи). Дигитализација на секоја можна услуга и уникѕвање на потреба на луѓето да бараат потпис и печат, и одат во други градови за баналности. Урбанизирање на цели пространства во предградијата на градовите и руралните општини со планирани улици, природен гас, парно, водовод и канализација, и парцели од 500 до 1500 квадрати, па дури и со предлог решенија за градба на куќи, со планирани сончеви колектори или фотоволтаици. Укинување на патарините и воведување на вињети со еднократна годишна уплата а слободно возење низ целата територија на Македонија. Стимулирање и субвенции за купување на нови возила, и укинување на многу од давачките како потреба за оние кои имаат деца. Градете инфраструктура, не игралишта.

Според мене се направи грешка со отворањето на слободната економска зона во Бунарџик. Дури од мкога таа се разви, се почна со отвањање на слични низ државата. Процесот требаше да биде обратен. Денес Дрекселмајер, Кромебрт и Шуберт, Гентерм и останатите се токму фирмите кои колку толку спречија уште толку да се испразнат другите градови.

Следното е дисперзијата на образованието. УКИМ треба да се рационализира, да стане функционален, да го собира најдоброто и да криерија оптествена додадена вредност и идни лидери, а не да биде основа за селење во Скопје. УГД и УКЛО, па и Државниот тетовски, треба да понудат тоа што му треба на општеството, но и да привлечат дури и студенти од Скопје, а да ги задржат локалците. Секако, да понудат и квалитет и знаење, не само диплома. Поефтино е да дојде професот од Скопје таму, отколку неколку стотина деца во обратен правец. Следното е да има многу повеќе насочено образование, отколку општи гимназии. Имаме еден куп ликови денес кои се меѓу 35 и 50 со факултет или магистратура, а не знаат да работат ништо.

За крај на „анти шериф“ мерки. Не секој мора да работи во „негово село“. Судија, полицаец, доктор, професор, наставник, професионален војник, директор. Државата треба да мотивира мобилност, но и услови за живот или патување.

Да се разбереме. Нема решение преку ноќ. Нема мерка која може Владата да ја донесе, па народот од утре да се фрли на „правење“ деца. Треба радост, среќа, душевен мир, но и функционално општество со можности. Не давање пари! Тоа нема ефект. Плус никое дете не сака да порасне, па да сфати дека го направиле пошто од Влада давале пари, нели?

Направете функционално општество и поработете на севкупниот патриотизам и родољубие на народот. Санкционирајте ги оние кои ствараат немир, поделби и шовинизам, но и насилниците, криминалците, ректарите. Направете луѓето да скаат тука да имаат семејство, или доколу времено некаде отишле, да се вратат.

Така се сака Македонија!

Александар Ристевски

 

извор: курир.мк

You May Also Like