Јовица Тасевски – Етернијан објавен во Непал

Поезија од Јовица Тасевски – Етернијан деновиве е објавена во новиот број на непалското списание за литература, уметност и култура „Апликант“. Списанието излегува на англиски јазик со цел истовремено да придонесе за меѓународна афирмација на непалската литература и за интензивирање на културната размена.

Освен песни, раскази и есеи од писатели од Непал преведени на англиски јазик, во списанието се објавува и поезија и проза од познати светски автори. Поезијата на македонскиот поет е објавена заедно со песните на ирскиот поет и романсиер Џерард Бирн, прогласен за писател на годината од „Сандеј трибјун“, со стиховите на канадската поетеса Ферн Кар, која минатата година беше избрана за „Поет во резиденција“ на Лигата на канадски поети и др.

Неодамна, избрани песни од Ј. Т. Етернијан, препеани на романски јазик од Дина Кувата и од поетесата Ирина Луциа Михалка, се појавија и на романскиот книжевен портал „Република Артелор“ („Уметничка република“).

Поезија од Етернијан беше објавена во декемврискиот број на американското списание „Фолиејт оук“, кое го издава Универзитетот на Арканзас и е вклучено во наставата по креативно пишување.

Јовица Тасевски – Етернијан е автор на шест поетски и две критичко-есеистички книги. Неговата поезија е застапена во повеќе антологии и препеана на англиски, француски, руски, полски, романски, грчки, словенечки, хрватски, српски и бугарски јазик. Го има добиено индиското признание „Восхитувачки поет“, кое се доделува за исклучителен придонес во современата поезија.

You May Also Like