Сирна Недела – Недела на коматите

Една недела пред почетокот на великите, велигденски пости, се одбележува Сирната недела или во Битуше повеќе позната како Недела на коматите. Во неделата на коматите се меси по еден комат за секоја машка глава во фамилијата.

parce pita

Првиот ден од Сирна недела (понеделникот) е познат под името веторница. Во секоја битушка куќа се подготвува питулица, со која се канел ветрот на ручек. Питулица е посебен битушки специјалитет којшто се подготвува со пчнично, ржано или пченкарно брашно.

Брашното се става во бакарно котле или тенџере и врз него се тура вода, се додека брашното не се претвори во кашеста маса. Додека се подготвува кашестото брашно на огнот се загрева черепната или тепсијата и откако ќе се загрее, се премачкува со кравја маст, а потоа се тура еден слој од подготвената пченична, ржана или пченкарна каша. Черепната се покрива со сачот, ако е тепсија со тарун, и се остава да се потпече. Потоа веќе формираната прва кора се премачкува со кравја маст, врз неа пак се тура еден слој од кашестото брашно при што според желбата, а и бројот ба членовите од фамилијата се формираат седум или девет кори. Питулицата се пече се додека не зацрвени, а потоа од огнот се вадат черепната или тепсијата, се оставаат малку да се оладат, а потоа корите се раздробуваат на ситни парчиња и се посипуваат со превриена кравја маст. Со тоа питулицата е готова за јадење.

Пред да седне фамилијата да руча, еден член од семејството, најчесто машко дете, зема едно тиганче или тавче го полни со питулица и излегува во дворот, за да го покани ветрот заедно да ручаат. Зема парчиња од питулицата, ги беси по гранките на родните дрвја и на цел глас го повикува ветерот:

Ева ветре да ручаме,
а на лето да вееме,
да вееме род бериќет,
род бериќет, бела пченица,
рж, јачмен, уров.

Еееј, ела ветре да ручаме,
а на лето да вееме,
да вееме, да жнееме…

Откако ветрот ќе биде поканет на ручек, сите седнуваат да ручаат со благослов на денот и софрата: „Годината да биде родна и бериќетна, како што се парчињата и трошките од питулицата“.

Почнувајќи од вториот ден од Сирната недела, вторникот и наредните пет денови до саботата се денови на коматите. Се месат толку комати колку што има машки глави во куќата, со тоа што последниот комат во саботата се меси за куќата „да биде весела и силна, среќна и бериќетна“. Доколку во семејството има повеќе машки глави од расположивите денови – дневно се месат и печат и по два комати.

pita

Првиот комат се меси за главата на фамилијата. Обично тоа е најстариот член на фамилијата. В’очи на денот, кога започнува неделата на коматите во глуво доба, пред петли пеење, млада невеста или девојка облечена во невестинска или девојчинска носија оди на Бигришќа или на некоја од другите селски чешми: Ѓуревече, Трајковец, Тримоска чешма или Млакиче, полни вода во две стомни, кине три дренови гранчиња ги става во стомните и се враќа дома.

Со пресната вода, донесена во глуво доба, домаќинката го замесува првиот комат. Се верувало дека водата донесена во глуво доба, пред петли пеење, не е пресретната и испоганета од нечисти и зли сили.

Кога семејството ќе седне да го руча првиот комат, ако е присутен домаќинот на куќата, сите го благословуваат со:

– За многу години коматов, домаќине!

– Амин. Да сте здрави и живи. и догодина да дочекаме!

И ако домаќинот односно главата на семејството не е дома, коматот го благословува домаќинката на куќата:

– Аирлија и за многу години да ни е коматов. Да ни е здрав и вековит домаќинот.

Сите седнати на софрата возвраќаат:

– Аирлија да е и догодина да му месиме комат!

Со ова на домаќинот му се посакува здравје долг живот и се разбира гурбетлакот да му биде бериќетен.

Истиот ритуал се повторува и во наредните денови при месењето и печењето на коматите со благослови за среќа здравје и радост. Последниот комат се меси, пече и јаде за куќата и се благословува:

Да ни е куќата силна и весела. Здравје и живот. Радсост и веселби, догодина. До новата Сирна недела…!

Последниот ден од сирната недела е Проштени поклади – Прочка. Свечен, но тежок ден пред почетокот на Велигденските пости. Во секој дом е присутна свечената атмосфера. Се подготвува богат и свечен ручек. Пијалаци, мезалаци и колачи за Прошќалените што се очекува да дојдат попладнето, за да побараат прошќавање, ако со нешто се огрешиле или пак згрешиле во текот на годината.

На свечено поставената софра, богата со пијалаци мезиња и јадења, на челната столица е домаќинот или домаќинката. Се благословува софрата и на сите членови од семејството им се посакува лесно да ги поминат претстојните седумнеделни велигденски пости.

Попладнето на Прошќени поклади, обичај е помладите роднини и пријатели да одат на визита и да побараат прошќевање од постарите.

– Прошќевај ако нешќо су се огрешил(а) годинава!

– Простено нека ти е и од мене и од Бога – е одговорот на оној од кого се бара прошќевање.

Интересно е да се спомене дека токму на овој ден многу раскарани фамилии и поединци се смирувале што на празникот му дава и посебна тежина.

Штом падне првиот мрак се затворале надворешните врати од куќите и сите членови од семејството останувале дома. Не само поради тоа што (според верувањето) ноќта меѓу Прошќени поклади и Чист понеделник се раздвижувале нечистите и зли сили туку и заради тоа што се верувало дека се прават маѓии, кои лесно можеле да ја испоганат куќата или на членовите на семејството да им нанесат зло.

Според книгата „Битуше, празници, традиции, верувања“ од Гале Фиданоски, 2006 г.

(Подготви Марко Китевски)

You May Also Like