Писателката Дубравка Угрешиќ неодамна ја објави книга со есеи насловена “Европа во сепија“. Оваа истакната писателка во новата книга луцидно се осврнува на општествените појави во современа Европа.
Во своите есеи, Угрешиќ реагира на феномените на денешниот свет, настојувајќи да ги осветли и да ги интерпретира.
„Европа со сепија“ донесува низа проникливи анализи на современите општествени појави, со вообичаен спој на меланхолија и иронија. Некои од застапените теми се носталгијата и југоносталгијата, односот на национализмот и потрошувачкото општество, новите миграции ширум Европа, ксенофобичноста како симптом на пропаста на мултикултурализмот, а чести се и промислувањата за распределба на моќта во книжевниот свет, вклучувајќи ги и стереотипите за писателите од Балканот и генерално, понижувачката положба на писателите во Европа.
Таа во 2012 година ја доби наградата „Jean Amery“ за исклучително есеистичко достигнување. Жирито се одлучи да ѝ ја додели оваа награда неа поттикнато од книгата „Напад на минибар“, која на англиски јазик е објавена под насловот „Karaoke Culture“. Во образложението за наградата, покрај останатото, се нагласува и тоа дека Угрешиќ восхитува со брилијантната интелектуална анализа на современи прашања кои се однесуваат на сите нас.
Во своите романи и приказни, Угрешиќ се занимава со распадот на Југославија и со искуството на егзилот, еманципацијата на жените и нивната положба во опшетството, а во последниот роман, „Баба Јага снесе јајце“, се занимава и со табу темата на современиот свет: стареењето и смртта.
Од 1993 година, Угрешиќ живее во Амстердам. Предава на американските и на европските универзитети и соработува со европски списанија и весници.
извор: Лице в лице