„Туристичка стража“ на плоштад Македонија

Бирото за туризам и информации на Град Скопје, во соработка со ДКЦ „Карпош“ од денеска (петок, 13 јули) на плоштадот „Македонија“ го започнува проектот „Туристичка стража“- наменет за промоција на централното градско подрачје пред туристите што го посетуваат нашиот град.

Во изминатиов период значително е зголемен бројот на домашни и на странски туристи што го посетуваат Скопје и кои што се интересираат за културно-историските споменици во центарот на градот. Заради зголемениот број туристи и за повпечатлива и поверодостојна туристичка презентација на културно-историските споменици осум млади учесници во проектот завршија обука во Бирото и се стекнаа со соодветни знаења за карактеристиките, историјата и значењето на објектите од богатата историја на Скопје. Тие своето знаење ќе им го пренесуваат на заинтересираните туристи.

За поавтентична и незаборавна презентација на идентитетот и времето од кое што потекнуваат спомениците, презентерите ќе бидат униформирани во македонска национална облека, карактеристична за одредени временски периоди (македонска античка, македонска средновековна, комитска и облека од учесниците во НОБ – партизанска).

„Туристичката стража“ за почеток ќе биде лоцирана на плоштадот „Македонија“, секој ден, од 18 до 21 часот и ќе трае до ноември.

You May Also Like