Министерството за култура ја најави реализацијата на проектот за обновување на опремата за прикажување на филмови во кино-салите во четиринаесет Центри за култура, кој ќе се реализира преку НУ Филмски фонд.
Сепак, Министерството реши да го забрза проектот. Наместо за период од три години како што беше предвидено, овој проект ќе се реализира за период од две години, а средствата кои беа планирани за реставрација на постоечката кино-опрема за прикажување на 35 мм филм ќе се употребат за набавка на нови дигитални проектори.
Реализацијата на проектот ќе се спроведе во две фази и тоа: во првата фаза, оваа 2012 година планирано е да се оспособат и да се активираат кино-салите во центрите за култура во општините Куманово, Охрид, Струга, Прилеп, Крива Паланка, Неготино, Кочани и Делчево, а во втората фаза планирана за првата половина на идната 2013 година проектот ќе биде спроведен во центрите за култура во општините Тетово, Гостивар, Дебар, Кичево, Струмица и Велес.
Промената е направена врз основа на податоците добиени од Европската Аудиовизуелна Обсерваторија која на крајот од месец мај годинава ги презентираше информациите за дигитализација на кино-салите, според кои се гледа дека снимањето и кино прикажувањето на филмови на 35 мм филм е со помал обем и дека филмската продукција и дистрибуција се повеќе се преориентирни на дигитални медиуми. Министерството за култура и Филмскиот фонд на Македонија ја информираа Владата на Република Македонија, која донесе заклучок за превземање иницијативи и за воведување на дигитална кино-дистрибуција во кино салите во Центрите за култура.
Со ова се потврдува фактот дека кино-прикажувачката дејност во Република Македонија ги следи светските трендови кон кои се стремат сите земји. Реализацијата на овој проект е од големо значење не само за развојот на кино мрежата низ земјата, туку и за најевтино и најбрзо ставање на филмот во дистрибуција, што е можност публиката во целата земја да ги погледне најновите домашни и светски хитови.