Репертоар на независниот театар Златен Елец

Вкупно 20 претстави во време на пандемија одиграни по сите протоколи и прописи ќе се заокружат на 21ви ноември во Социјален центар Дуња каде што ќе биде одигран монодрамски маратон на двата поставени текстови од Николај Гогољ и Лу Син во режија на Ѓорѓи Ризески, а во изведба на актерот Бобан Алексоски.

Доколку имаме можност и според ситуацијата планираме во месец декември да ги изненадиме најмладите од редовите на публиката со претстава за деца. Инаку в година продолжуваме со репертоарот кој оваа година го почнавме во едно историско но за жал лошо време.

Игравме со двете монодрами и комедијата “Не ми го чепкај пивото” на фестивали, манифестации, на отворено и затворено. Освен веќе поставените текстови наредната година планираме неколку проекти. Премиерата на претставата Чикашки перверзии во режија на Сибел Абиду во копродукција со Машина Продакшн која ја работиме веќе некој период ќе биде прва премиера во 2021. Освен таа претстава планирани се уште неколку други проекти.

Нашата цел е да живее театарската уметност на сите можни убави начини, да се истакнат идеите кои не успеваме ние како актери, режисери и тн. да ги пренесеме во државните театри. Начинот на работа секаде е ист. Театарот и уметноста немаат граници.

А денес е време на независната сцена зашто има што да каже најотворено дури и да е брутално, има простор да експериментира и истражува, има интерес, зашто борбата е во средината која сам ја создаваш, а има слобода во независноста. Театарот денес треба да е точен и искрен – вели Бобан Алексоски, еден од основачите на независен театар Златен Елец во Скопје.

Фотографиите се од претставата Не ми го чепкај пивото

You May Also Like