Изложба на дела од современи австриски уметници ќе биде отворена вечерва во 19.30 часот во галеријата Чифте амам во Старата скопска чаршија. Под наслов „Флора-фауна-покриви / Пирх-Лајрер-Пирх“ ќе бидат претставени дела од Харо Пирх, Констанце Пирх и Манфред Лајрер.
Изложбата ќе ја отворат министерот за култура и туризам Зоран Љутков и австрискиот амбасадор во земјава Мартин Памер и директорот на Националната галерија, Али Синани. На отворањето присутни ќе бидат и уметникот Харо Пирх и кураторот Герхард Алтман.
Изложбата е резултат на долгогодишната успешна соработка меѓу австриската амбасада во Скопје и Националната галерија. Изложените дела нудат современ поглед кон природата, животинскиот свет и просторот што нè опкружува.
Констанце Пирх се посветува на флората, истражувајќи ги растителните форми и нивната декоративна и симболична вредност преку колоритни и геометриски композиции. Манфред Лајрер во своите дела ја истражува фауната и руралниот свет, инспириран од животните и природата на бургенландското село. Харо Пирх, пак, се претставува со своите препознатливи пејзажи и архитектонски композиции, во кои покривите и урбаните структури создаваат специфични визуелни хоризонти.
Изложбата ќе биде отворена до 12 април.
