Националната галерија на Македонија, во партнерство со Британскиот совет и агенцијата „Лукс“, го најавува интернационалниот проект под наслов „Допирот“, дел од „НИЕ СМЕ ТУКА: ИДНИ ЕКОЛОГИИ“.
ИДНИ ЕКОЛОГИИ е една од петте уметничко-филмски програми на проектот НИЕ СМЕ ТУКА: програма за уметнички движечки слики развиена од Британскиот совет и „Лукс“ (LUX), агенција за уметност со седиште во Лондон, која ги поддржува и промовира практиките на уметнички движечки слики. Секоја од програмите е курирана околу темата за национален идентитет, маргиналност, интимност, иднина и архивирање. НИЕ СМЕ ТУКА обработува дискурси за влијанието на оваа тема кај младите, но и кај етаблираните современи уметници со седиште во Велика Британија или Обединетото Кралство, истражувајќи ги преку биографија, документарци, поезија и фантастика. Куратор на програмите е Тендаи Џон Мутамбу.
ИДНИ ЕКОЛОГИИ се состои од компилација од 4 дела со движечки слики, и тоа (автори и наслови на делата): Uriel Orlow, Muthi, 2016; Louis Henderson, All That is Solid, 2014; Charlotte Prodger, LHB, 2017; Ben Rivers, Urth, 2016, сите сопственост на „Лукс“. Покрај претходните, направен е избор на уште две дела-инсталации, од кои во македонскиот концепт на проектот, во „Допирот“ ќе се вклучи и делото на Bedwyr Williams, The Starry Messenger, 2013.
Загадувањето, урбаниот развој, приватизацијата и експлоатацијата на јавните простори се вознемирувачка реалност и на Западен Балкан. Од почетокот на проектот, екологијата се појави како тема што го обединува регионот, така што намерата на оваа програма за движечки слики е да се придвижи кон првите разговори на тие клучни теми.
Во основата на овој проект лежи размената со Велика Британија преку изложби и разни други поврзани настани наменети за пошироката публика.
Проектот започна на почетокот на 2020 година, кога се одржа отворен повик за куратори, по што македонската кураторка Ана Франговска, заедно со останатите куратори Елијан Стефа од Албанија, Армина Пилав од Босна и Херцеговина, Енгел Бериша од Косово, Наталија Вујошевиќ од Црна Гора и Наталија Пауниќ од Србија, беа избрани да изработат изложбени концепти за нивните земји.