На 89-годишна возраст почина оперската примадона Милка Ефтимова, доајен на македонската опера и амбасадор на македонската уметност и култура во светот.
Милка Ефтимова е родена во Радовиш на 26 февруари во 1936. Завршила средно музичко училиште во Штип, музичка академија во Љубљана.
Во својата долготрајна, богата и плодна кариера, таа отпеа четириесет оперски улоги, како и многубројни партии во ораторијални дела и соло изведби, застанувајќи повеќе од 1.200 пати на оперската и концертната сцена, во дваесетина земји низ светот.
Со извонредна музикалност и изразито чувство за артизам, таа ги креираше Орфеј во ,,Орфеј и Евридика”, Ацучена во ,,Трубадур”, Еболи во ,,Дон Карлос”, Сузуки во ,,Мадам Батерфлај”, Марфа во ,,Хованшчина”, Урлика во ,,Бал под маски” и многу други, а најголем печат остави во насловната улога на ,,Кармен”. Од оперската сцена јубилејно се прости токму со Кармен на 6 ноември 1991 година. Милка Ефтимова беше редовен професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје, наставник на Музичко-балетскиот училиштен центар во Скопје и Средното музичко училиште во Штип. Во нејзината богата оперска кариера одликувана е со наградите: „11 Октомври“ (1985), „Св.Климент Охридски“ (2001), „Мајка Тереза“ (2009), како и Орден за заслуги на Република Македонија (2022).
Министерот за култура и туризам Љутков упати телеграма со сочувство до семејството на Милка Ефтимова.
„Милка Ефтимова беше вистински амбасадор на македонската оперска уметност, пример за врвен професионализам и неисцрпна инспирација за многу генерации млади пејачи. Со својата уметност, таа ја претвораше музиката во неповторливо доживување, оставајќи трајни белези во македонската културна историја“, стои во телеграмата со сочувство.
