Вчера (27 јули 2025) во Скопје, на 80 годишна возраст, почина проф.д-р Александар Трајановски, еден од најистакнатите македонски историчари, кој најголем дел од својот работен век го поминал во Институтот за национална историја во Скопје.
Александар трајановски е роден во селото Долни Липовик, Радовишко, 7. Ⅲ 1945 година. Завршил Учителска школа во Битола, а потоа дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје (Група за национална историја), каде што и магистрирал (1975) и докторирал (1985). Извесно време бил наставник во с. Конче, Радовишко и професор во Економското училиште „Моша Пијаде“ во Скопје, а потоа преминал во Институтот за национална историја (септември 1971), од асистент до научен советник (1992) и редовен професор (1998). Бил раководител на Одделението за преродбенско-националноослободително движење во ИНИ, главен и одговорен уредник на сп. „Гласник“ и „Историја“, претседател на СДИРМ, хонорарен професор на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“, на Факултетот за учители и воспитачи при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола, на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации на Универзитетот на Нова Сорбона (Париз) и на Педагошкиот факултет во Скопје.
Дел од неговата библиографија:
– Бугарската егзархија и македонското националноослободително движење (1893–1908), Скопје, 1982;
-Црковноучилишните општини во Македонија. Прилог кон историјата на македонските црковно-училишни општини од нивното основање до 70-тите години на ⅩⅠⅩ век, Скопје, 1988;
– Димитар Поп Георгиев-Беровски (1840–1907), Штип, 1990; Словата на Кузман шапкарев (1830–1884), Охрид, 1993;
– Андартскиот колеж во Загоричани – 1905, Битола–Скопје, 1995;
– Прилепските слова на Кузман шапкарев (1862–1865), Битола, 1996;
– Непознатиот Рацин. Новопронајдените Рацинови картички, Скопје, 2000;
– Црковната организација во Македонија и движењето за возобновување на Охридската архиепископија од крајот на ⅩⅤⅠⅠⅠ и во текот на ⅩⅠⅩ век – до основањето на ВМРО, Скопје, 2001;
– Руски документи за Македонија и македонското прашање, Скопје, 2004;
– Историја на Македонија, Скопје, 2005.
Погребот ќе биде извршен денес во гробиштата во Радишани.
