Деновиве, во престижната поетска едиција „Бореа“, Блесок од Скопје во печатен и електронски формат ја објави книгата поезија од Бранко Чегец „Полн месец во Истанбул“, а со поддршка на македонското и хрватското Министерство за култура. Преводот од хрватски е на Игор Исаковски.
Бранко Чегец (р. 1957) е хрватски автор кој објавил петнаесетина книги поезија и есеи, уредник е во издавачката куќа Меандар медија од Загреб. Поезијата му е вклучена во триесетина антологии, избори и прегледи во земјата и странство. Автор е или коавтор на повеќе избори и прегледи на хрватската поезија и проза во Хрватска и во странство. Поезијата му е преведувана на француски, словенечки, германски, англиски, италијански, унгарски, полски, литвански, македонски…
Книгата на Бранко Чегец „Полн месец во Истанбул“ има повеќекратен, полиперспективен карактер: таа е наличје на загубената сегашност, чиј (поетски) глас истрајува во хаотичното секојдневие, во разликата, во откажувањето од завршената и совршената слика на светот. Фрагменти, микроесеи, поезија – записи од пуст јазик – настануваат врз тлото на демонтираната хронологија, несигурното помнење како сублимација на она што нè опкружува и жестоко се впишува во нашиот видокруг, во нашите тела, во говорот. Слободниот говорник со навидум критички монолог ниже сцени од непосредната (општествена) околина и ги срамнува со читањата на Другиот и Другите, претворајќи ги во документ на хаосот во кој живее, живееме. Станува збор за литература која, на патот од графити и плакати до приказна и песна, го поткопува сопствениот јазик, коментира и ги доведува во прашање статусите и улогите на оние кои ја креираат тековната состојба на работите – а таа не е пријатна, прилагодена кон она што би го нарекле свој живот или простор на сигурност. „Полн месец во Истанбул“ прска од провокативност и сексуалност (на текстот), кој сигурно веќе не е ексцесен, или не осигурува недозволена мерка страв, но го менува просторот на гледање и лавиринтот (на читање) на текстот. „Полн месец во Истанбул“ е вознемирувачки поетски дневник, сокриен во sms пораки, несигурно море и помнење, алузии, цитати и парафрази, во име на храбрите и губитниците, во име на силовитоста и борбеноста… Помеѓу трошното и вечното, баналното и патетичното. Запишаното, возвишеното и авантуристичкото. Копнежот и хаосот се мерка за записите на Бранко Чегец, а колку и да е тоа под знак прашање (пишувањето, впишувањето, втиснувањето на знаците и значењата) – и единствениот можен одговор. Единственото можно оружје. Единствената можна одбрана. Сега за сега.