Споменикот на Александар Турунџев ќе биде поставен во близина на Ат-Пазар во Битола

Споменикот на војводата Александар Турунџев ќе биде поставен на 30 август 2025 година, во близина на Ат-Пазар во Битола. Во подготовки е теренот кај Ветеринарната станица во Битола за поставување на споменикот на војводата Александар Турунџев, во непосредна близина на Ат-Пазар, местото каде е погубен Турунџев пред 120 години.

Споменикот веќе 8 години е направен и стои во дворот на Општина Битола. Споменикот е висок 3 метри, тежи околу 500 кг и ќе биде поставен на постамент од 2 метри. Изработен е од бронза, и е дело на Ѓорги Димовски, изработен во ливница во Скопје, под надзор на менторот Валентина Стефановска.

Позната е историјата за македонскиот револуционер Турунџев, пред и по Илинденското востание, особено начинот како беше погубен. Османлискиот суд во Битола на 29 август 1905 година го суди Турунџев на смртна казна, откако една година пред тоа е заробен и одведен во битолскиот истражен затвор.

Казната е извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-Пазар, на 30 август 1905 година. Гробот на Турунџев се наоѓа на светонеделските гробишта во Битола.

You May Also Like