Во организација на НУ Национална галерија на Македонија, во Македонскиот културен центар во Њујорк, на 27 октомври 2011 година (четврток), со почеток во 18:00 часот ќе се отвори изложба на Славица Јанешлиева со наслов Сенки.
Изложбата „Сенки“ на Славица Јанешлиева ги истражува психолошките, философските, социолошките и антрополошките гледишта поврзани со поимот сенка. Овој проект е сублимирана проекција на една појава за која физиката има многу едноставно објаснување, но од друга страна отсекогаш го предизвикувала човештвото со својата мистериозност – од антички времиња каде сенката е метафора за психата и се поврзува со Хадовиот свет на сенки, односно земјата на мртвите, па се до современите психоаналитички толкувања, според кои, сенката е приказ на несвесното и ирационалното.
Момент кој е нагласен е комплексното психолошко значење кое го рефлектира мистериозноста на сенката, како далечен, примитивен и непробирлив аспект на умот. Јанешлиева се повикува на Јунг, според кој сенката или „аспектот на сенка“ е дел од несвесното и во себе ги вклучува потиснатите слабости, недостатоци, маани и инстинкти. Сенката е инстинктивна и ирационална и е склона кон проекција: свртувајќи ја личната инфериорност во воочен морален недостаток кај некој друг, покрај тоа што е лична е и сенка на општеството, хранета и запоставувана од потиснуваните колективни вредности.
Публиката е составен дел од проектот „Сенка“. Посетителот со своето присуство станува дел од светот рефлектиран во сенките, и на секого му/и е оставен простор за индивидуално доживување и толкување на феноменот сенка.
Славица Јанешлиева е родена 1973 година во Скопје. Дипломирала на ФЛУ 1996 и магистрирала на истиот факултет 1998 година. Во моментот е асистент професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Ова е нејзина 13 самостојна изложба, а изложувала на над 150 групни изложби. Добитник е на повеќе награди.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура на Република Македонија.
Изложбата ќе биде отворена до 5 ноември 2011 година.