Денеска (петок, 4 јули) во 21:00 часот во Пацио во Битола ќе биде изведена претставата „Чија си“ на Драмскиот театар од Скопје. Гостувањето е ворамките на Бит фест.
„Чија си“ или љубов и покајание од Сашко Насев, а во режија на Љупчо Ѓоргиевски ги прикажува животните патишта на група луѓе лоцирана во „калта“ на едно маало од периферијата на Скопје во 80-те години на минатиот век.
Смртта на Ј. Б. Тито и почетокот на распадот на бившата С. Ф. Р. Југославија се само фон врз кој се насликани судбините на ликовите кои заглавени во својата маалска филозофија гнијат и се распаѓаат во обидот да досегнат барем малку среќа.
Протагонисти во претставата се истите тие луѓе 30-тина години подоцна кои врз себе го носат багажот на еден бивш систем, на една бивша држава, на еден бивш живот, на еден бивш свет, на кој припаѓале и се распаднал, а нов не доизградиле. Бившото станува реалитет во кој живеат и се обидуваат преку деконструкција на минатото да ги редефинираат своите постапки. Во тој лавиринт се загубиле многу вистини, згаснале многу соништа и пропаднале многу надежи. Очајнички е секој обид било што да се поправи – минатото е непроменливо. Останува само покајанието зошто не се сакавме доволно, а тоа е единствениот начин да се симне товарот на бившото и да се зачекори напред.
