Зоранчо Малинов: Документирање на битот на македонскиот народ

Проучувањето и познавањето на фолклорот на еден народ е од мошне големо значење бидејќи се поврзува и со неговиот идентитет, односно има значење исто како што се и неговиот јазик и историја – вели проф. д-р Зоранчо Малинов, директор на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ од Скопје.

Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ е јавна научна установа која е формирана со цел да го проучува, архивира и презентира фолклорот, односно народното творештво на македонскиот народ, како и на останатите народи што живеат во Република Македонија. Вработените во него имаат за задача преку теренски истражувања да го регистрираат народното творештво, првенствено од нематеријалната сфера (песни, приказни, обичаи итн.), да го архивираат во форма на аудио и видео-записи, а преку своите научни трудови да го презентираат пред стручната и пошироката јавност. Покрај тоа, во него има и студии од втор циклус (постдипломски студии) од областа на фолклористиката, а во тек е и изработка на елаборат за акредитација на студии од трет циклус, односно докторски студии.

Кои се актуелни проекти на кои во моментов е посветен Институтот?

– Во моментов како позначаен проект би ја издвоил дигитализацијата на архивскиот материјал на Институтот, така што првично се внесуваат содржинските листи на снимениот аудио-материјал на софтверска програма, а во следните фази е планирано и самиот архивски материјал целосно да биде дигитализиран. Во крајната фаза од овој проект што го финансира Министерството за култура на РМ, планираме и содржинските листи, како и дел од самиот архивски материјал да биде поставен и он-лајн за користење од страна на заинтересираните истражувачи.

Зошто за еден народ е важно познавањето и проучувањето на неговиот фолклор?

– Проучувањето и познавањето на фолклорот на еден народ е од мошне големо значење од причина што тој се поврзува и со неговиот идентитет, односно има значење исто како што се и неговиот јазик и историја. Затоа, не случајно Институтот за фолклор има статус на национална установа, исто каков што статус имаат и Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска литература и Институтот за национална историја. Имено, преку разните форми на народното творештво (песни, обичаи, носии итн.) се создава и чуство на припадност кон одредена заедница, што во крајна линија го одредува и зацврстува идентитетот на еден народ. Впрочем, во архивата на нашиот институт има над 4.000 ленти со аудио-записи со песни, приказни, обичаи, инструментална музика итн., има десетици видео-записи (филмски материјали), илјадници фотографии, како и други артефакти кои го документираат битот на македонскиот народ и на останатите етнички заедници што живеат во нашата држава.

На што како директор посветувате најмногу внимание и што сметате дека ќе биде белег на Вашето работење?

– Како Директор на Институтот за фолклор сум ангажиран повеќе од пет години, а од досегашниве мои активности на ова поле би ги издвоил организирањето на два Меѓународни научни собири со теми од традиционалната култура на балканските народи, потоа реализацијата на над дваесеттина проекти од сферата на валоризацијата на нематеријалното културно наследство, меѓу кои и на штипскиот обичај „Чет’рсе“, на соборското оро „Копачка“ од пијанечкото село Драмче (Делчевско) и на машкто двогласно пеење „Гласоечко“ од пределот Долни Полог (Тетовско), кои се поставени на УНЕСКО-вите листи за заштита на нематеријалното културно наследство на човештвото, додека на полето на издавачката дејност на нашиот Институт би ги споменал публикувањето на неколку книги од сферата на народната култура, како и на три броја на институтското списание „Македонски фолклор“. На полето на високообразовната дејност, за време на мојот мандат се реакредитираа студиите од втор циклус по фолклористика, а во тек е акредитацијата и за студиите од трет циклус. На полето на меѓународната соработка со сродни институции, потпишани се договори со неколку институти од Москва, Познањ и Белград , а во тек се преговори и со уште неколки сродни институти.

Кои се следните активности и приоритети на Институтот ?

– Приоритет ни се завршувањето на започнатите научно-истражувачки проекти финансирани од страна на нашето ресорно Министерство за образование и наука, кои за жал се финансирани нередовно, како и реализација на започнатите активности на планот на меѓународната соработка, што првенствено се однесува на организирањето на уште еден Меѓународен научен собир до крајот на годинава. Што се однесува,пак, до подмладувањето на научниот кадар, овде би додал дека и покрај десетината нови вработувања во Институтот, од кои, половината како научен, а останатите како техничко-административен кадар, сепак, за целосно екипирање на нашата институција со научен кадар, потребни се уште неколку етнолози и фолклористи за да може Институтот за фолклор да работи со полн капацитет.

———————————————

Проф. Зоранчо Малинов е доктор на етнолошку науки, истражувач на обичаите и верувањата поврзани со календарската обредност, но исто така и со истражувањето на останатите обичаи, како и на останатите сфери на традиционалната култура на македонскиот народ. Тој е наставник по неколку предмети на студиите од втор циклус по фолклористика и хонорарен наставник од областа на етнологијата на студиската програма по етнокореологија на Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Автор е на три монографски труда и над 40-ина статии во стручни списанија.

Александра Јуруковска

You May Also Like