Помеѓу водата и огнот

Секое лето е со бројни проблеми и потешкотии. Од една страна мака со претерано користење и злоупотреба на питката вода, од друга страна пожарите.

Искрено, верував дека со демократизација на општеството и кога веќе ќе се почувствуваат придобивките на пазарното општество и демократијата, дека ќе се оправиме, но сум грешел. Се покажа дека доволно е само еден мандат да некој користољубив лик, или пак класичен морон дојде на функција, и сѐ се распаѓа. Очигледно ни требаат повеќе заштитни механизми при селекцијата на кадри, но и планови, пресметки и распределби, како и за што треба да се трошат парите.

Зошто не е дефинирано со закон или под законски акти, колку пари секоја година треба да се двојат за нови цевки, на бунари со техничка вода, за авиони канадери, цистерни, пожарни возила, за пилоти, за пожарникари, и доколку тоа со години се тера со еднаква динамика и план, проблеми ќе нема.

Впечатокот е дека секој тера своја политика, впечатокот е дека нема долгогодишен план и систем за координација, па зависиме од еден лик кој е поодговорен или пак совеста на тие кои се директно на терен.

Водата допрва ќе е проблем доколку не изградиме систем. Систем за контрола, за наплата, за одржување, за сервисирање. И се мора да е строго, одважно, бескомпромисно.

Сѐ додека крадењето вода е сѐ уште само обичен прекршок, а не форма на кривично дело, и за физичко лице е казниво само со 200 евра, а за правните лица од 1.500, до максимум 3.000 евра, со можност за порамнување и плаќање 50% од минималната изречена казна, нема оправање. Сменете закон и постапувајте по истиот, без пардон.

Да, водата е човеково право за секој дом, и не смее да се гаси, но доколку ја користите без контрола, со огромна кубикажа, треба дебело да ви биде фактурирана, а ако не плаќате, да ве дадат на извршител и да добиете блокирана сметка.

За наводнување на паркови, улици, полнење базени, прскање пред дуќани и згради, секој да си ископа бунари за техничка вода. Друго чаре нема.

Да се одреди колку вода се плаќа по нормална повластена цена, па за надминување дупло за секој кубик, а кој троши без усул, третото ниво нека биде пет пати по скапо за секој кубик, и после 4-5 неплатени сметки, извршител.

Никој не треба да ве исклучи од користење вода како човеково право, ама ќе ви ја наплати, па мајка Јана.

Оние кои крадат вода, диво се приклучуваат, и истата ја користат да наводнуваат дворови, бавчи, пред зграда, да перат коли, земјоделски насади, истата треба веднаш да им биде исклучена, а доколку се знае кој е или има повторен див приклучок, кривична пријава и присилна наплата за штета.

Скопје има подземни води, има начин и техника, ќе си црпите техничка вода и тоа е тоа.

Од друга страна, срамно е однесувањето на Паркови и зеленило, Водовод, Комунална и Град Скопје. Скапаа парковите, тревнатите површини, дрвата. Не гледам дека ниту улиците се перат, што цел мој живот тоа било пракса. Имаат и цистерни и сѐ. Можеа барем секој парк еднаш неделно да го наводнуваат. Лошо. Многу лошо! Се надевам дека ова е последно лето кое ќе го минеме вака.

Сега малку околу пожарите. Пожарите се во голема мерка поврзани токму со водата и нејзиниот недостаток или одржување. Да, многу од површините кои сега горат, порано вегетацијата ја одржувала стоката која ја пасела истата. Но факт е дека некој со години ги испушташе максимално акумулациите за производство на струја, и истите се на минимум, многу реки се на биолошки минимум, ама имаме и нова категорија на штеточини, пироманите.

Јас доколку одлучувам пироманите би ги санкционирал нај екстремно можно во рамките на законот. Да си играш со цела држава, да загрозуваш цели градови и села, е бездушно. Арам! Се надевам дека уште од есенва, Владата, но и единиците на локална самоуправа, ќе направат барем петгодишен план во кој ќе предвидат пожарникари, пилоти, колку возила, авиони и хеликоптери се потребни, каде се треба да се вложи и колку, и дека новата 2026 ќе се започне со реализација.

А сите оние кои се деструктивци, сите оние кои ја злоупотребуваат и државата, и природните ресурси, треба безмилосно и најстрого да бидат казнети и санкционирани. И парично и со затворски казни. Вака веќе не оди!

Александар Ристевски

 

извор: Курир.мк

You May Also Like