Чарлс Симиќ: Алергичен сум на идејата дека поезијата треба да има некаква улога

Комунистите започнаа да зборуваат за улогата на поезијата. Тие почнаа да пишуваат упатства за тоа што е поезијата. Тоа беше рецепт за катастрофа, поезијата пишувана по тој рецепт е катастрофа, ја имаше и во Југославија за време на Втората светска војна и по неа. Јас лично сум алергичен на таа идеја дека поезијата треба да има некаква улога – вели луцидниот Чарлс Симиќ, еден од најголемите живи поети на современиот свет, добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 2017 година.

Тој е еден од најисклучителните поети на денешнината. За своето дело е добитник на бројни книжевни награди, меѓу кои и Пулицеровата награда во 1990 година, меѓународната награда „Грифин“ за поезија, медалот „Роберт Фрост“, наградата „Збигњев Херберт“, наградата „Валас Стивенс“, а бил назначен како Poeta Laureatus на САД. Читајќи ги неговите стихови, знаете дека поезијата е сила и моќ, но слушајќи го како зборува , сфаќате дека големите умови се големи затоа што се едноставни, досетливи и полни живот. Таков е и силниот впечаток по средбата со него во Струга.

За себе велите „јас сум дете на историјата“, а од друга страна зборувајќи за лирската поезија велите „лирскиот поет е предавник на својот народ“. Како ги поврзувате и споредувате овие две нешта?

– Јас сум дете на историјата затоа што сум роден за време на Втората светска војна. Кога имав три години, на 6 април 1941 преку улица експлодираше бомба и јас паднав од својот кревет – така започна мојот живот, се’ почна со бомбардирање, со искрешени стакла од мојата зграда. Потоа дојде и 1944 година. Кога еднаш ќе видите војна тоа е… тоа. Другиот дел од изјавата се однесува на некогашната лирика во Србија, на лирските поети, но и денес. Еве земете ја Сафо и нејзините песни, таа зборува за себе, за своите чувства, таа лична лиричност која беше толку популарна кога бевме млади. Лириката се пишува и денес на сите страни и во САД, и во Македонија и секаде и Сафо може да ја препознаете насекаде. Приемот на таа лирика беше добар, иако на сите страни се’ се распаѓа, сепак имате поезија која вели дека попрво би гледал како девојката ја симнува сукњата, отколку војна, или за наши услови – „ попрво би останал во кревет со тебе душо, отколку да го гледам Крале Марко како војува“ (се смее)… Тоа е ако погледнете на лирската поезија историски.

Важите за поет на секојдневното, на обичните мали нешта, кои навидум се банални. Дали се чувствувате како тоа да е Ваша мисија – да ги опејувате малите нешта?

– Па не велите – сега ќе пишувам за малите нешта, едноставно ги забележувате. Имам песни за вилушки, лажици и ножеви. Тоа е некаде 1966 година, бев дома, јадев вечера, бев многу сиромашен, приборот беше од ресторан, најверојатно го имаше украдено човекот што претходно живеел во станот каде што јас тогаш живеев, и тоагаш ја погледнав вилушката и помислив, какво интересно нешто, има своја истоија, сигурно стотици луѓе јаделе со неа и така се родија тие песни.

Денес повеќе од кога и да е се зборува за тоа која е ролјата на поетот во днешено време, што мислиата за социјалната ангажираната поезија.

– Тоа е идеја на комунистите, тие започнаа да зборуваат за улогата на поезијата. Тие почнаа да пишууваат упатства за тоа што е поезијата. Тоа беше рецепт за катастрофа,поезијата пишувана по тој рецепт е катастрофа, ја имаше и во Југославија, за време на Втората светска војна и по неа. Јас лично сум алергичен на таа идеја дека поезијата треба да има некаква улога. Поезијата е најиндивидуалната работа на светот, никој не може да те прсисли да пишуваш поезија. Некои поети пишуваат за политиката, општеството и војната. Волт Витман во Америка бил опседнат за цивилната војна и пишувал за тоа. Емили Дикенсон од друга страна, живеела спроти црква каде што биле оплакувани и погребувани војници, но никогаш не пишувала за тоа. И никој не вели дека е тоа лошо. Треба да го правиш она што можеш, она што најдобро го правиш – да пишуваш поезија.

Вие сте одличен поет, но и одличен преведувач, како гледате на денешната современа поезија од овие екс-Ју простори?

– Жал ми е што не преведував повеќе, сега имам и се помалку време. Се надевам дека ќе има што повеќе поети од овие простори кои ќе го следат мојот пример. Тоа е навистина важно.

Зошто поезија?

– Имам одговор и на ова прашање, но не е краток (се смее).

—————————————

Чарлс Симиќ е роден на 9 мај 1938 година во Белград, Југославија. Во 1954 година неговото семејство емигрира во САД. Неговотот поетско творештво го сочинуваат книгите: Што кажува тревата (1967); Некаде меѓу нас каменот фаќа белешки (1969); Разградување на тишината (1971); Бело (1972); Враќање на место осветлено од чаша млеко (1974); Биографија и тажаленка (1976); Харонова космологија (1977); Класични игри од балската сала (l980); Острини (1982); Временска прогноза за градот Утопија и околината (1983); Избрани песни 1963-1983 (1985), Бескрајна тага (1986), Светот не завршува (1989) Книга на богови и ѓаволи (1990); Хотел Несоница (1992); Свадба в пекол(1994); Застрашувачки играчки (1995); Прошетка со црната мачка (1996); Си ја барам бељата (1997); Jackstraws (Игра со чкорчиња) (l999); Избрани рани песни (1999); Ноќен излет (2001); Глас во 3 часот наутро: Избрани подоцнежни и нови песни (2003); Избрани песни 1963-2003 (2004); Тетка Марула сакам да ти ѕирнам под здолништето (2005); Мојата нема придружба (2005); Тоа мало нешто (2008); Шеесет песни (2008); Мајстор за преправање (2010), Избрани и нови песни 1962-2012 (2013); Лудак (2015), Чкртки во мракот (2017). Симиќ исто така објавил бројни преводи од француската, српската, хрватската, македонската и словенечката поезија, а автор е не неколку книги есеи.

 Александра Јуруковска

You May Also Like