На 17 септември 2025 година во НУБ Свети Климент Охридски во Скопје, ќе се одржи промоција на збирката раскази „Езерград“ од Марјан Патлиџанковски, со почеток во 18 часот. Промотoри на збирката раскази „Езерград“ ќе бидат Оливер Шамбевски и Анета Стојкоска.
Прочитајте дел од рецензиите за ова дело:
„Опфатени се безмалку сите населби и општини во Скопје, но опфатени се и повеќе знаменитости, одбележја и популарни места во Скопје кои во моментов не се веќе тоа или можеби нема да бидат тоа за некоја година, па така со носталгија се раскажува за езерото Треска, за Састав, за Универзална сала, за училиштето Дрен, за Луна Паркот, за дискотеката станица 26, за кафулето Гет… што никако не го оптеретува текстот, туку напротив го прави убав, носталгичен, скопски, а и во наративот на авторот внесува лирски и носталгични моменти, но исто толку важно е и што гарантира вечност за овие препознатливи одбележја на Скопје онакви какви што ние ги знаевме.
Ова своевидно мапирање на Скопје преку сегментирани случки по скопските населби авторот го почнува со „Скопска магла“. Скопје претставено преку „Маглата“ карактеристичен елемент за Скопската котлина особено во зимскиот период, со која прави симболична парадигма поврзувајќи ја со мирисот на топлото кафе при што ќе ве убеди дека и после сѐ зимските непогоди во Скопје и не се така лоши.“
