На 9 јуни (четврток) во 12 часот во просториите на Институтот за етнологија и антропологија ќе се одржи омаж за македонските етнолози Бранислав Русиќ, Вера Кличкова, Нијази Лиманоски, Ѓорѓи Здравев и Љупчо Неделков, а по повод годишнините од нивното раѓање или смрт.
Оваа година се навршија 110 години од раѓањето на проф. д-р Бранислав Русиќ, основоположникот на современата македонска етнологија. Ланската, ерата на Ковид 19 што направи вакуум во сеќавањата и одбележувањата на значајни годишнини е родена Вера Кличкова, бардот на македонската етнологија и етнолошка музеологија, пионерот на македонската визуелна етнологија и првата децениска директорка на Етнолошкиот Музеј на Македонија.
Во истата таа 2021 година, се наполнија 80 години од раѓањето на професорите Ѓорѓи Здравев, големиот познавач на естетиката и етнолошките вредности на народното текстилно творештво, и Нијази Лиманоски, истражувачот и посветениот општествен деец во сферата на етничките процеси во Македонија. Оваа година се навршуваат 10 години од прераната смрт на нашиот колега Љупчо Неделков, истражувач на народната култура и обредност на Македонците, Власите и Саракачаните.
Сеќавањето и заборавот нè дефинираат и како луѓе и како колектив. Избирајќи што ќе памтиме, а што ќе заборавиме го создаваме општественото сеќавање, ја создаваме традицијата на којашто толку многу се повикуваме. Во традициската култура спомените за умрените се споделуваат, обновуваат и зајакнуваат на одредени денови, големи празници, какви што се задушница и Дуовден. Токму поради таа симболика, омажот се одржува спроти овие празници, како (при)сеќавање на претходниците и колегите во нашите дисциплини.