Синоќа (петок), доцна навечер по полноќ, кавадаречки рок бенд Smoke Shakers постигна голем успех на престижниот рок фестивал “Јелен Демофест“ кој се одржува во Бања Лука, Босна и Херцеговина.
Smoke Shakers синоќа настапија во втората полуфинална натпреварувачка вечер и успеаја да се пласираат меѓу десетте финалисти на фестивалот. Успехот е дотолку поголем што меѓу 32 демо бендови полуфиналисти, одбрани меѓу 450 пријавени, беа единствени претставници од Македонија.
Финалето на најголемиот регионален демо рок фестивал “Јелен Демофест“ е вечерва (сабота) од 20 часот на големата сцена на Каштел тврдината во Бања Лука. Нашите момци во финалната вечер ќе настапат на иста сцена со специјалните фестивалски гости, меѓу другите и најпознатата македонска музичка ѕвезда надвор од Македонија – Кирил Џајковски, како и култниот “Плејбој“ од Белград, Србија.
Членови на Smoke Shakers Ристе Димитров, Ристе Наумов, Орце Павлов, Горан Цвијановиќ и Александар Димитров и вечерва на “Јелен Демофест“ ја претставуваат кавадаречката и македонската рок сцена.