Марчело: Се’ е мотив да раскажеш приказна

Пред десетина дена, српскиот хип хоп артист Марчело, настапи во скопскиот клуб Хавана.

Во изминатите две години Марчело стана редовен гостин во нашите клубови. Настапува пред полни сали, а македонската публика френетично го поздравува секое негово гостување. По настапот во клубот Хавана, со Марчело разговараше Христина П.

Еве што зa cOoLTuRa.mk изјави гостинот од Србија,  Марчело:

cOoLTuRa.mk: Твоето име е Марко Шелиќ. Од каде дојде до Марчело и постои ли некое посебно значење во името?

Марчело: Па искрено нема некоја посебна тајна. Јас сум Марко Шелиќ и додека бев средношколец, еден од професорите постојано ме викаше Марчело па од тогаш еве сите ме познаваат само како Марчело.

cOoLTuRa.mk: Која е причината што Марчело е повторно во Скопје со свој настап?

Марчело: Ние од неодамна бевме на еден фестивал овде во Скопје каде настапивме заедно со многу наши колеги од Балканот. Тоа беше супер прилика луѓето да слушнат дел од нашите нови песни, а бидејќи вака за брзо време имавме понуда за концерт значи на луѓето тие песни им се допаднале. Еве не сега во Скопје повторно да отпееме и многу други нови песни, но секако нема да ги запоставиме и оние постарите.

cOoLTuRa.mk: Повеќето од твоите песни, да не речам и СИТЕ имаат некоја посебна приказна која погодува во срце. Од каде црпиш инспирација за секоја од нив ?

Марчело: Од радозналост. Од “Што би било кога би било”. Едноставно гледаш околу тебе и било каков впечаток кој доаѓа до тебе, кружи околу тебе како околу некој филтер и тие приказни, тие впечатоци излегуваат во некое изменето издание или исто издание како песна. Се што те опкружува, се’ за што ќе се запрашаш, замислиш, се’ е мотив за приказна.

cOoLTuRa.mk: Потекнуваш од Параќин, не толку голем град во Србија. Дали некогаш веруваше дека еден ден ќе имаш можност да се пробиеш на хип-хоп сцената во Србија и да станеш еден од најдобрите изведувачи на Балканот?

Марчело: Ух, па секако дека не. Во тоа време, отприлика во 200 година тоа не беше условно речено мода како денес, баш толку популарна и привлечна музика. Тоа тогаш беше “хоби на чудаците”. Во секој град имаше по само неколку чудаци или барем така околината ги прифаќање. Се што порано сме сакале, а го сакаме и сега е да бидеме во ваков состав како што сме денеска , да работиме тимски за да стигнеме до успехот и најважно беше каква енергија ќе оствариме додека тоа го правиме.

После се песните веќе не се наши туку сечии и за некого ќе значат многу, а за некого ништо. За мене толку изненадно беше тоа сознание дека песните уште за некого нешто значат, а после требало само да се одржува тоа. Ние се трудевме за тоа, но никогаш не се додворувавме на публиката. Секогаш одевме до крајна ризичност, на секое CD, во секоја песна го работевме токму она што нам ни се допаѓаше. Едноставно ако само пишуваш за едно исто, иста тема, музика, тоа е премногу ниско, а ние одевме спротивно од тоа, по цена и да изгубиме дел од публиката.

cOoLTuRa.mk: Во Ноември 2010 го издаде последниот албум Деца и Сонце. Како публиката го прифаќа овој албум, бидејќи е работен во поразличен стил?

Марчело: На нас ни се чини дека премногу добро публиката го прифати овој албум, затоа што неговиот претходник Treća strana medalje , за мене премногу драга плоча правена кога јас бев херметичен. Деца и Сонце е една другарска плоча која искрено и не метафорично говори за нашите животи и за тоа кои сме и како се чувствуваме ние. Верувам дека токму тоа е енергијата која допре до публиката и драго ни е што на луѓето им се допаѓа.

cOoLTuRa.mk: Долг период соработуваш со Филтери . Од каде дојде до оваа соработка и кои се се дел од тој тим?

Марчело: Па Филтери постојат веќе 10 години, но во овој состав како што ги знае публиката веќе 7 години. Најпрвин тоа и не се викаше Филтери. Од 2004 година со нас соработуваат Мишко, Министер Лингвист и Лане Смајли, а Нена стана дел од Филтери уште во 2003 година. Таа беше на првиот албум De Facto, а потоа ни се приклучи и Раде во 2005 година.

cOoLTuRa.mk: Уште во 2006 те прифатија како најдобар рап изведувач во Србија, затоа и ја доби наградата Даворин за најдобар албум во Србија . После тоа се редеа и други поголеми успеси. Колку на Марчело му се битни наградите?

Марчело: Тоа е убаво, секако, ама јас не сум можеби воспитуван на начин да нешто скокам од радост со денови за една награда. Немам време за такво нешто, повеќе е тоа како признание за кое треба љубезно да се заблагодарам и да продолжам да го работам своето таму каде што сум застанал. Во суштина мислам дека е тоа единствен прав однос спрема наградите, тие доаѓаат сами од себе само ако работиш напорно и ако работиш добро.

cOoLTuRa.mk: Твојата хип-хоп кариера ја започна со Oneya , односно те откри Oneya, дали ти некогаш би помогнал на некој млад надежен и талентиран изведувач?

Марчело: Секако дека мене највеќе од се ми значи тоа што се нашол некој над мене за да ми помогне, да можам да се пробијам на хип-хоп сцената кај нас во Србија. Тоа беше Oneya. И токму поради тоа и се формираше и сеуште постојат Филтери . Во Филтери се дечки кои јас сметав дека се талентирани, кои го сакаат ова што го работиме сега и мислам дека одлично функционираме. Но тоа е се сега за сега. Дојде такво време кога доколку сака некој млад хип хоп артист да го запознае јавноста да пронајде добра продукција која ќе може да го промовира и секако за тоа се потребни многу пари . Јас би можел да му помогнам давајќи му совети кои според мене можеби би му помогнале, но во денешно време незнам колку тие ќе бидат корисни и правилно искористени.

cOoLTuRa.mk:
За крај, што следно да очекуваме од Марчело?

Марчело: Незнам. Мислам дека тоа е најискрениот одговор. Ни јас самиот незнам што да очекувам од Марчело.

You May Also Like