Mинатата 2012 година, на 10 јули, за првпат се организираше меморијалниот рок концерт со наслов “Денот кога се роди добриот човек“.
Оваа манифестација е посветена на на еден од најважните граѓани на Кавадарци од генерациите родени во седумдесетите години на минатиот век Дејан Костов Лиса.
Дејан Костов Лиса ќе остане запаметен како човек олицетворение на добрината, солидарноста, урбан лик за пример, соработник на најголемите кавадаречки уметнички имиња од сите области и дете на поубавата страна од кавадаречката приказна.
Годинава повторно на 10 јули ќе се организира “Денот кога се роди добриот човек“, овојпат како Меморијален мултимедијален настан. Овојпат како Здружение на граѓани “Алтер Сцена“.
Настанот и годинава ќе се одржи во малото паркче спроти полициската станица во Кавадарци, со почеток од 20:00 часот. Во музичкиот дел ќе настапат “Dont? Who! One.“ кои со целовечерен концерт во Кавадарци се враќаат на македонската музичка сцена, потоа “aIrless Project“ и кавадаречкиот рок бенд “Smoke Shakers“ кој со овој настап ја завршува својата неофицијална клубска турнеја низ Македонија и заминува на престижниот “Јелен демо фест“ во Бања Лука (БиХ) каде ќе настапи на демо вечерта како единствен учесник од Македонија.
Во текот на целата меморијалната вечер ќе се одржува ликовен перформанс на познатиот кавадаречки ликовен уметник Ристо Соколов Сокол, потоа литературен дел со познатите кавадаречки поети и блогери Цветанка Колева и Марјан Тодоровски, свој драмски перформанс ќе одржи познатиот кавадаречки актер Александар Малинков, како и други содржини, на соработници и пред се пријатели на Дејан Костов Лиса.