Гоце Стевковски септет вечерва во Сули-ан

Вечерва (петок, 5 јули) во Сули-ан во 21:30 часот, а во рамките на „Скопско лето“, септетот на тапанарот Стевковски ќе го свири својот нов албум „Седум приказни“.

Промоцијата е закажана за 21.30 часот во „Сули Ан“ во Старата Скопска Чаршија, влезот е слободен.

Албумот кој неодамна се појави под етикетата на „Пасврод продакшн“ за првпат ќе биде концертно промовиран во главниот град на РМ, Скопје. На сцената Стевковски ќе го придружуваат и Трајко Велков, Иван Иванов, Дамир Имери, Сашко Николовски, Оливер Јосифовски и Оскар Салас, како и уште некои гости изненадувања.

Гоце Стевковски, низ годините се филтрира како еден од најистакнатите македонски тапанари и перкусионисти во Македонија. Запаметен по соработката со Кирил Џајковски, Леб и сол, Архангел, Ласт експедишн, Проект жлуст, ДНО, Коџабашија, Фолтин, Бодан Арсовски и Езгија оркестра, Шаревски Квартет, Зоран Маџиров и останатите, Стевковски во 2013 година се издигнува на повисоко ниво компонирајќи го својот деби албум насловен 7 Stories заедно со повеќе етаблирани македонски музичари во проектот едноставно именуван Гоце Стевковски Септет.

7 Stories е плод на успешна соработка со Кире Кузманов, Иван Иванов, Трајко Велков, Дамир Имери, Сашко Николовски, Александар Икономов и Оскар Салас кој се јавува како гостин на некои од темите. Албумот содржи седум авторски композиции на Стевковски, снимени во Чикен меднес студиото од страна на Ален Хаџи-Стефанов. Истиот се потпишува и за миксот и мастерингот на албумот, додека за дизајнот на обвивката е одговорна Ника Гавровскa.

You May Also Like