Пиано концерт на Огненка Герасимовска

Во концертната сала на Музејот на град Скопје, утре со почеток во 20 часот, пијанистката Огненка Герасимовска ќе се претстави со свој концерт.  Овој настап е составен дел од „Есенски музички свечености 2010“.

Огненка Герасимовска

Огненка Герасимовска родена е во Скопје 1984 год. Музичкото образование го започнува на шест годишна возраст во ДМБУЦ “Илија Николовски-Луј“ во класата на проф. Даница Шуплевска Костиќ. Основно  и средно музичко училиште завршува во класата на проф. Рита Трпчева Поповиќ. Дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на проф. Борис Романов со просек 10,00. Овој успех и ги донесе наградата “26 јули – Франк Манинг“ за 2007 год и наградата за најдобро дипломиран студент во учебната 2006/2007 год на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

Таа има учествувано на голем број концерти во Македонија и надвор од неа, во  Србија, Хрватска,  Русија,  Франција,  Украина, Романија,  Чешка,  Косово и др.

Добитник е на голем број признанија и први награди на државните натпревари, меѓу кои се издвојува наградата Климентина Рафајловска за најдобар матурант, а од меѓународните се издвојуваат и награда на меѓународниот пијано натпревар “Николај Рубинштајн“ во Париз, Р. Франција, втора награда на меѓународниот натпревар “Виртуози за музика на пијано“ во Усти над Лабем, Чешка; Лауреат на ЕПТА – меѓународен натпревар за млади пијанисти во Осијек, Хрватска, и награда на “Интерфест Битола“, интернационален натпревар за млади пијанисти;  специјална награда за најперспективен млад пијанист доделена од Сојузот на музичките уметници на Македонија,  трета награда на пијано натпреварот “Карл Дрецхел” Нирнберг, Германија.

Во 2008 година го издаде своето прво ЦД со сонати од Бетовен, Шуман и Прокофјев, под покровителство на Министерството за култура на  Македонија.

Работи како професор по пијано во ДМБУЦ “Илија Николовски -Луј“, асистент по пијано на државниот универзитет во Тетово и музички соработник на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

You May Also Like