Трите урни од Музејот на град Скопје со гардиска поворка беа пренесени во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, со што и официјално беше означено неговото отворање.
Поворката се движеше пеш од Музејот на град Скопје, по улицата Македонија, плоштадот Македонија, Камениот Мост до Меморијалниот центар. Урните во Меморијалниот центар на Холокаустот, на еден од членовите на Еврејската заедница во Република Македонија, ги предадоа тројцата Градоначалници, на Скопје, Битола и на Штип.
Веднаш по пристигнувањето на урните пред Меморијалниот центар, хорот на Еврејската заедница на Република Македонија ја интонираше химната на Република Македонија, а свои обраќања пред присутните имаа: Претседателот на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, г-ѓа Љиљана Мизрахи, Претседателот на Еврејската заедница во Република Македонија, г-ѓа Бјанка Суботиќ и Претседателот на Меѓународниот консултативен совет на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, рабин Ендру Бејкер, вицепремиерот на Владата на држава Израел, г. Моше Јалон и Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски.
– Идејата за Меморијалниот центар наиде на широка поддршка, концепциски еволуираше и почна да станува реалност по донесувањето на Законот за денационализација, што беше правна основа за формирањето на Фондот на холокаустот на Евреите на Македонија на 23 април 2002, со одлука на Владата на Република Македонија. Фондот постои како единствено правно решение во Европа за заштита на имотните права на депортираните Евреи без живи наследници. Македонија е земја со најцрната бројка на убиено еврејско население, зашто дури 98% од македонските Евреи биле депортирани во нацистичкиот логор Треблинка , од каде што никогаш не се вратиле. Но тие, македонските Евреи, се само два процента од вкупниот број убиени во светот во Втората светска војна. Овој Меморијален центар треба да не потсети за да не се заборави: ДА СПАСИШ ЕДЕН ЧОВЕК Е КАКО ДА СИ ГО СПАСИЛ СВЕТОТ, истакна Мизрахи.
Во рамки на отворањето на Меморијалниот центар беше прочитана и Декларацијата усвоена, вчера (09 март 2011 година), на Верскиот лидерски форум, а беа изведени и две еврејски молитви Кадиш и Ел Рахамим. На Церемонијата присуствуваа и претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, Претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељановски, Претседателот на Република Албанија, Бамир Топи и Претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, како и високи државни и верски претставници од земјава и странство.
Отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, се реализира во рамки на неколкудневната Манифестација во знак на сеќавање на сограѓаните Евреи од Скопје, жртви на Холокаустот, под покровителство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, којшто го запали и вечниот оган.
Со отворањето на Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите во Македонија беа одбележани 68 години од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка. Целиот настан заврши со церемонијално внесување и положување на урните во Меморијалниот центар, почесна стрелба и оддавање почит пред урните.
Како придружен настан на Манифестацијата во знак на сеќавање на сограѓаните Евреи од Скопје, жртви на Холокаустот, вечер во 19 часот, во Чифте амам, во Старата Скопска Чаршија ќе биде отворена пригодна изложба на г-ѓа Сара Ајник.