Претставата „Аналогии“во МКЦ и ДТЦ

Театар »Семејство бистри потоци«, Србија

„Аналогии“

Изведби:

31 март 2011 г. 20:00 ч. – Младински Културен Центар, Скопје

1 април  2011 г. 20:00 ч. – Детски театарски центар, Скопска чаршија

ВЛЕЗ БЕСПЛАТЕН

Режисер: Божидар Мандиќ

Играат: Милена Јакшиќ, Драгана Јовановиќ, Божидар Мандиќ, Радомир Теодосиевиќ, Кристина Васиќ и Урош Вукша.

Аналогии
Аналогии

Аналогии е современа претстава за надминување на осаменоста преку освестување на чувството за »оној другиот«. Во светот на општата отуѓеност, човекот пред сè, се отуѓува од самиот себе си. За да се запознаеме себе си, потребен ни е некој друг. Аналогии трага по она што е »исто« во сите луѓе. Аналогија се воспоставува тогаш кога се препознаваме себе си во »она спроти нас«. Претставата се темели на принципот дека концептот и глумата произлегуваат од внатрешниот процес на самиот изведувач.

Театарот »Семејство на бистри потоци« не е ниту аматерски ниту професионален театар, туку »посветен« театар. Функционира во рамки на истоимената комуна, група на општествено ангажирани луѓе, кои живеат според принципот враќање кон природата. Комуната е основана од писателот Божидар Мандиќ во бранот на младинските движења од 68-та, во слично време кога настана и Комуната »Дружина в Шемпасу« (Семејство во Шемпас) на Марк Погачник во Словенија. Комуната делува како отворен дом и во духот на скромна економија, а од самото основање е и уметнички активна.

По претставата ќе следи и разговор со изведувачите и кратко претставување на Иницијативата за РЕКОМ, која ќе ја претстави нејзиниот медиумски координатор Лазар Стојановиќ.

Иницијативата за РЕКОМ е мрежа на невладини организации од просторот на поранешна СФРЈ, која се залага за основање на Регионална комисија за утврдување на фактите за воени злосторства и други тешки кршења на човекови права (РЕКОМ) кои се случија на територијата на поранешна Југославија во деведесеттите години. Според репутацијата на таканаречените »комисии за вистина и помирување«, главната цел на РЕКОМ е да се разоткријат фактите за сите злосторства и кршења на човековите права, како и да се создаде простор каде би можело да се чуе искуството на жртвите и на тој начин да се врати нивното човечко достоинство. Повеќе за ова може да дознаете на: www.zarekom.org.

Врската меѓу  претставата Аналогии и Иницијативата за РЕКОМ е пред се идеолошка. Во основа претставата е желба да се препознаеме во »оној другиот«, односно во секој човек да препознаеме човек и човечност, што воедно е и основен принцип на Иницијативата за РЕКОМ: на жртвите да им се врати личноста, да се индивидуализираат, и да не бидат само празни бројки во историските интерпретации и луѓето, посебно од спротивставените групи, да доживеат сочувство кога во »другиот« ќе се видат себе си.

Резервации на: mirovnaakcija@gmail.com

You May Also Like