Интервју: Пред се’ ми е битна почитта [Daz Flow]

Daz Flow
Daz Flow

Во недела (13 март, 2011 година), со почеток во 16:30 часот, ќе биде промовиран спотот на Daz Flow, заедно со српскиот поп-рок артист Марко Милановиќ, за нумерата „Само једном“. За таа цел направивме интервју со младиот артист, само неколку дена пред промоцијата.

Гостите ќе имаат можност да го проследат новиот видео запис на “full HD” проектор на оригинално платно и квалитетен “surround” звук, кој го нуди киното Фросина.

Проследете го нашиот разговор направен вчеравечер ексклузивно за cOoLTuRa.mk:

cOoLTuRa.mk: За почеток на ова интервју, да не запознаеш кој е всушност Даз Флоу, нешто повеќе за твоите почетоци и од каде доаѓа името Даз Флоу?

Даз: Најпрвин поздрав до тимот на cOoLTuRa.mk . На времето кога ја направив мојата прва снимка на 16 години беше со тогашниот и сегашен продуцент Скит Скитара, снимаше кај него дома пред да започне Токсикологија и да се отвори сегашното студио. Тогаш бевме еден бенд насловен како Тежок удар со уште двајца артисти од Ново Лисиче кои за жал веќе не се дел од хип хоп сцената. Потоа продолжив сам, и се решив да снимам соло албум Кругот се врти кој беше снимен во Токсикологија и Скит Скитара како продуцент. Лична карта за мене? Хм.. Па лична карта треба да си извадам кај и да е , старата ми е истечена. Името Даз е маалско муабетче, како помал кога и да излезев во маало ме викаа Даз. А Флоу е мое сопствено флоу кое го градам 7 години.

cOoLTuRa.mk: Во недела промовираш нова песна а воедно и видео запис за истата. Кажи ми нешто повеќе за ова.

Даз: Во недела во кино Фросина, на 13 март од 16:30 часот ќе се одржи промоцијата на новата песна и спот Само једном. Овој сингл е најава за тој стил што се спрема во иднина после промоцијата , некој вид на rock- hip hop комбинација. Тоа е стил во кој некако највеќе се пронаоѓам, и нешто посериозно , малку по за сечие уво или со еден збор ќе кажам од 7 до 77 години можат да ја слушнат оваа песна. Видео записот е изработен од Сергеј Ѓеоргиев- режија и Владо – камера, дечки од ЕСРА кои помогнаа и го средија видео записот. Јас ги поканувам на промоцијата сите што можат да дојдат.

cOoLTuRa.mk: Од каде дојде до соработка токму со Марко Милановиќ?

Даз: Нашиот Марче – Марче Граматик јас го викам, ми е другар. Уште кога постоеше студиото Урбан рекордс се споивме, деца од маало и буквално сме сега неразделни. Ќе соработуваме и понатаму со тоа што имаме многу идеи за понатаму кои нема да ги најавувам сега.

cOoLTuRa.mk: Имаш издадено еден албум насловен како „Кругот се врти“. Колку си задоволен од него и од тоа како медиумите го истретираа?

Даз: Овој албум е издаден промо, без спонзори, сосема од свој џеб, најмногу од љубов кон хип хопот . Со намерата што го извадив албумот, сега сум задоволен со тоа што доволно мене ме испромовира, да ме запознаат кој е Даз Флоу всушност, дека правам хип-хоп музика. Медиумите дали доволно или не го истретирале албумот не ми е толку битно, бидејќи беше едноставно наменето да се добие на репутација и публиката да ме запознае кој сум всушност јас. За сите оние кои сакаат да го имаат албумот можат да си го симнат на hiphop.mk или едноставно да ми го побараат на Фејсбук.


cOoLTuRa.mk: Што мислиш, колку може да се живее од хип хопот овде во Македонија, и дали се сметаш за успешен рапер или мислиш дека може уште повеќе да се работи?

Даз: Во Македонија до сега само двајца артисти едноставно живеат од тоа. Тоа се Тони Зен и Слаткар кои супер си го сработиле сето тоа, само што за да живееш кај нас од хип хоп музиката треба да измениш нешто од твојот стил . Не можеш да останеш оној тврд хип хоп кој го слушаат 1000 до 2000 луѓе , доколку сакаш да те слушаат толку луѓе ќе го правиш тој хип хоп, а доколку сакаш да успееш финансиски, слава, треба да тргнеш по стапките на овие двајца артисти. Јас себеси искрено се сметам за успешен рапер. Пред се ми е битно почитта, а после сето тоа ќе си дојдат и славата и парите, нормално ако има концерти секој хип хоп артист го очекува тоа. До сега од овој албум сме имале настапи за некои ситни финансиски придонеси, а за многу повеќе очекувам во иднина бидејќи сега навлегувам во еден подруг стил, рок хип – хоп комбинација каде што многу повеќе се пронаоѓам и со тоа би успеал.

cOoLTuRa.mk: Во недела е промоцијата на „Само једном“. Што по промоцијата? Што следно да очекуваме од Даз?

Даз: По промоцијата се очекуваат многу нормално, нови материјали. Мои следни чекори се тоа што се спрема нов видеозапис, не седам мирно, спремам нешто многу интересно, нов дует. Да не биде изненадување, ќе кажам дека е со Горан Папаз од Суперхикс, дечкото што свири на саксофон и прави партали на саксофон. Што значи очекувајте нив видео запис некаде крајот на мај.

cOoLTuRa.mk: Што би им препорачал Даз Флоу на сите млади љубетиле на хип хоп музиката?

Даз: Да си одберат по кој пат ќе тргнат ако прават хип хоп музика. А ако слушаат хип хоп музика, нека слушаат шарен хип хоп, бидејки секоја песна на тој хип хоп носи различен стил, така да нека си го одберат самите тоа што ќе го слушаат.

cOoLTuRa.mk: Што слуша Даз во слободно време? Чиј рап ти е инспирација?

Даз: Рап инспирација во последно време ми е Граматик. Граматик е нешто како инструментален хип хоп , тоа е еден DJ од Полска што работи совршено. А во слободно време дефинитивно не слушам рап и хоп хоп, туку нешто што ме одмара како џез, блуз, Massive attack, секако во домашна атмосфера, ќе се напијам едно кафенце, ќе се опуштам и тоа.

cOoLTuRa.mk: Нешто за крај за сите читатели на cOoLTuRa.mk?

Даз: Поздрав до сите читатели на cOoLTuRa.mk, ве поканувам да дојдете сите на промоцијата во недела и очекувајте и понатаму материјали од Даз Флоу. Работам напорно и ќе продолжам да работам напорно заедно со Марко Милановиќ и секако Стефан Пехчевски кој е продуцент на песната „Само Једном“. А сите читатели на cOoLTuRa.mk да продолжат да читаат бидејќи е портал со навистина многу добри информации кој следи се, не само музика туку буквално целиот живот што е опфатен од сабајле до вечер. Поздрав од Даз Флоу и се гледаме на промоција.

Новинар: Христина Панева

You May Also Like