Децата од социјалните установи, организирано на концертот за Тоше

Министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска (24.1.2011 година) го посети Домот за деца без родители „11 Октомври“ во Скопје каде што подари 100 влезници за концертот организиран во чест на роденденот на трагично загинатата музичка ѕвезда Тоше Проески, кој се реализира под покровителство на Министерството за култура.

Влезниците за утрешниот концерт насловен „Со љубов од Тоше“, кој ќе се одржи во спортскиот центар „Борис Трајковски“, се наменети за деца од Домот за деца без родители „11 Октомври“, Јавната установа за деца со социјално-воспитни проблеми „25 Мај“, СОС – детското село и Јавната установа „Ранка Милановиќ“.

Канческа–Милевска, пред дечињата кои се претставија со краток концерт на кој изведуваа песни од Тоше Проески, истакна дека Тоше беше личност која ги сакаше децата и се бореше против оние што посегнуваат по нивните соништа и токму затоа и во иднина Министерството за култура ќе поддржува проекти преку кои се продолжува неговата мисија. Во текот на посетата Канческа-Милевска беше придружувана од претставник на Фондацијата „Тоше Проески“, како и од популарната хрватска пејачка Антонија Шола која ќе настапи на утрешниот концерт во чест на Тоше Проески.

You May Also Like