Зоран Попоски: Клучно е да се етаблира специфичен македонски културен бренд

Кога од странство ги посматрам состојбите на културен план очигледно е дека на Република Македонија и е потребна нова стратегија за промовирање на културните вредности и нејзино позиционирање во европски и светски рамки.

Клучно е да се етаблира специфичен македонски културен бренд – вели интердисциплинарниот уметник Зоран Попоски кој живее и работи во Хонг Конг. Попоски в четврток (15.06.2017) во 20 часот во Мала станица, пред македонската публика ќе се претстави со изложбата „Theoria“, негова 14-та самостојна изложба.

Д-р Зоран Попоски е меѓународно наградуван трансдисциплинарен уметник, едукатор и истражувач. Роден во Скопје во 1974 година, Попоски живее и работи во Хонг Конг. Неговите дела се прикажани на 70 меѓународни изложби и фестивали. Изложувал заедно со врвните светски имиња од современата уметничка продукција, како Герхард Рихтер, Нам Џун Пајк, Алора и Калзадија, Шу Бинг, Риркрит Тираванија, итн. Попоски магистрирал уметност во нови медиуми (Њујорк и Линц) и докторирал студии на културата (Скопје). Добитник е на низа меѓународни награди и признанија за уметност, а неговите дела се наоѓаат во повеќе меѓународни колекции.

Пред изложбата во Мала станица, ексклузивно интервју на Попоски за cooltura.mk

Од каде идејата преку цртеж да се „долови“теоријата на најголемите имиња на филозофијата, политиката и уметноста?

– Мојата тековна серија “Теорија”, која ќе биде претставена на македонската публика преку самостојната изложба во Национална Галерија на Македонија, е серија портрети на клучни имиња од светот на филозофијата, литературата, уметноста, и политиката, од Фридрих Ниче и Вирџинија Вулф до Валтер Бенјамин и Џудит Батлер. Цртежот е еден од медиумите на кои сум фокусиран во моментов, низ неколку тематски циклуси, преку постконцептуален пристап. На изложбата ќе бидат претставени 22 дела во комбинирана техника на хартија, како избор од 65 дела колку што вкупно имам создадено во серијата “Теорија”.

Некои од овие дела беа претставени и наградени на значајни изложби и во значајни центри во светот, каков беше приемот на публиката – професионалната онаа од фелата, и обичните искрени вљубеници во уметноста?

– За критичкиот прием на моите дела зборува фактот што делото од оваа серија, “Меланхолија (Ниче)”, ја доби наградата за цртеж на Артслант, водечка светска мрежа за современа уметност. Исто така, три други мои дела од овие серии цртежи, портрети на филозофите Теодор Адорно и Жил Делез и на уметникот Јозеф Бојс, во неколку прилики беа објавени во британскиот весник “Гардијан”, во избор на водечки британски кураторки: Флавија Фригери (кураторка за современа меѓународна уметност во Тејт Музејот во Лондон), како и на Емили Сарџент (кураторка на Велком Колекцијата во Лондон) и на Шоаир Мавлиан (кураторка за современа фотографија во Тејт Модерн во Лондон).

Веќе подолго време живеете и работите во Хонг Конг, каде што основавте и магистерски студии за уметност на ниво на заедницата. За каква програма станува збор и што значи спрегата уметност-заедница?

– Во Хонг Конг како едукатор досега бев вклучен во неколку магистерски програми во областа на уметноста и уметничкото образование, од Менаџмент и претприемништво во уметноста (што ја реализиравме во соработка со Голдсмитс, Универзитетот во Лондон), преку Современа студио уметност и критика, до спомната програма за Уметност и едукација на ниво на заедницата. Оваа програма која јас ја основав, врз база на моето лично искуство со слични програми во САД и Европа, е прва од тој вид не само во Хонг Конг туку и во Источна Азија. Програмата е фокусирана врз уметноста како општествена пракса, интегрирајќи ги уметноста и уметничкото образование со јавниот ангажман и развојот на заедниците. Програмата поддржува интердисциплинарни уметничко-едукативни проекти кои комбинираат низа уметнички медиуми и форми со експериментална педагогија, јавни политики, социјална теорија, уметнички менаџмент и едукација. Студентите се обучуваат да дизајнираат и реализираат проекти со потенцијално влијание врз јавната сфера преку урбани интервенции, социјална скулптура, социјален дизајн, уметност во јавен простор итн.

Живеејќи во еден голем град, светски центар, во поинаква културна матрица од македонската, правите ли паралели и кои се најблиските, а кои најдалечните точки на двете култури (кинеска и мaкедонска)?

– Не може да се споредува. Еве чисто на ниво на бројки: мојата последна изложба во Хонг Конг ја посетија 1,500 љубители на уметноста, моите дела на Арт Базел Хонг Конг ги видоа над 70,000 посетители, а годината кога бев поканет како Специјален гостин да го претставам моето уметничко творештво на Саемот на книгата во Хонг Конг тој беше посетен од над 1 милион луѓе. Се што се случува во Хонг Конг како културен настан истовремено е и светски настан. Од друга страна, тоа исто така значи дека тука моја конкуренција во галериите, фестивалите и на уметничките саеми се не само најдобрите кинески уметници како Аи Веивеи и Зенг Фанжи, или регионалните како Такаши Мураками и Јошимото Нара, туку и светските имиња како Демиен Хирст, Бенкси, Јајои Кусама… Неспоредливо е и на културолошко ниво. Не е ни чудо што Мишел Фуко кога зборува за несомерливост на културите ја зема токму кинеската култура за пример. Едноставно станува збор за радикална инаквост, што човек може да ја разбере единствено после години живеење во рамките на таа култура.

Ја следите ли македонската култура и што е она што од неа кај вас предизвикува најбурни реакции, позитивни, но и негативни?

– Како културолог и научник во областа на културата и уметничкото образование, мојот фокус се културната екологија и институционалната поддршка на културните иницијативи во Источна Азија. Тука за тоа се вложува исклучително многу и постојано се промовираат нови проекти. Кога од странство ги посматрам состојбите на културен план очигледно е дека на Република Македонија и е потребна нова стратегија за промовирање на културните вредности и нејзино позиционирање во европски и светски рамки. Клучно е да се етаблира специфичен македонски културен бренд. Тоа може да се постигне само на систематски и темелен начин, како што на пример го направи Јужна Кореја во последната деценија, со осмислена и сеопфатна поддршка од државата преку макро и микро иницијативи.

Која е задачата на културата во денешното турбулентно време кога се пушат сите системи, вредности и норми, уметноста?

– Уметноста во секое доба, а особено во периоди на големи промени, ја има истата серија на (сложени) задачи: да остане верна на самата себеси како поле на слобода на говорот и на утописко делување, на индивидуалната експресија, на убавината како естетска категорија но и ветување за социјална хармонија, и најпосле како извор на знаење и реконфигурација на значењето, на она што е дозволено да се каже и прикаже во едно општество. Токму тоа е и концептуалната подлошка на моите дела во серијата „Теорија“, како и моето творештво и научна работа во целост.

Александра Јуруковска

You May Also Like