Навистина е фасцинантно колку често ликови со ограничено знаење шират лаги и невистини преставувајќи ги како историски факти, доведувајќи ги во заблуда читателите по разни сајтови и социјалните мрежи.
Вината не е толку и до нив, туку и до нас самите. Повеќето луѓе денес малку читаат книги или консултираат релевантни извори, а повеќето својата глад за информации ја задоволуваат по социјалните мрежи, каде се шират извадоци или цитати од некакви „факти“ за тоа, кој и што направил.
И имате битка за тоа дали „Тито ни ја дал Македонија“ или обратно дека токму „Тито е најголемиот душман на Македонија“, па продолжува со тоа кој не ослободил, кој каде лежел и зошто, кој што кому дал, кој од кого кога се отцепил… Кој бил голем комита, кој бил партизан, кој бил балист, фашист, нацист, за русите, за америте… Секојдневно се водат некакви идеолошки битки, и како за чудо, секој е убеден дека е најпаметен, и дека знае се’.
Истото ќе ви се случи доколку прошетате летно време во чаршијата, на плоштадот, или на Камениот мост. Мостот бил Душанов и српски, па турски, па бугарски, нема теорија само дека го изградиле вонземјани или Лилипутанците. Сличен е муабетот и за калето, аквадуктот и за еден куп објекти. Во отсуство на правилно презентирање на нештата, во отсуство на дефинирани податоци, во отсуство на прецизни и точни информативни табли, секој се осмелува да си шири свои „вистини“.
Уште повеќе иритираат нашите преводи и импровизации. Интересно е кога ќе видите кога одреден објект или историски настан, некој при преводот не само што го превел целосно, туку дури и го адаптирал да звучи впечатливо, па при преводите на англиски, албански, турски, но и да други јазици, имате еден општ хаос.
Истото го имате и на „Гугл мепс“ и на некои други сервиси, каде луѓе си менувале/едитирале, а никој релевантен не ги исправува и корегира, па имате побугарчени верзии, албанизирани, некакви англиски форми со изгубена поента.
И историчарите, и етнолозите, и археолозите, но посебно лингвистите македонисти имаат доста работа, а токму тие изминатите неколку години, се има впечаток како да се заборавени или целосно тргнати на страна, освен онаа мала група на ликови кои преговараат со Грција и Бугарија за редефинирање на историските вистини.
Некој ќе рече дека не чини да се живее во минатото. Точно! Не треба да се живее во минатото. Минатото треба да се познава и од него да се учи. Затоа што доколку не си го познавате минатото, истите грешки ќе ви се случуваат во сегашноста, а ќе немате иднина!
Една нормална држава мора да си ја стандардизира и дефинира историјата, да си го заштити, почитува и промовира јазикот и топонимите, и да воспостави цврсти и стабилни контролни механизми. Без тоа, само ќе глумиме држава. Ќе продолжиме да тонеме, да бидеме роварени од внатре, а саботирани од надвор.
Време е стручните лица да ги кренат главите, да покажат барем малку карактер и интегритет, да докажат пред народот зошто јадат државен леб, а и да им покажат заби на разно разни директорчиња, функционерчиња и квази политичарчиња, но и на оние приучените, каде им е местото.
Македонија тоа го заслужува!
Александар Ристевски
П.С. Гледам убав буџет скроиле. Трошаџиски. Избори се ближат. Нема капитални инвестиции, нема наука, истражување, промовирање, само трошење и патувања. А не така многу одамна, имаше и инфраструктура, и објекти, и култура, и наука, и истражување, и проекти. Ако! Така ни треба. За народ кој не излезе на улица за сопствениот јазик и идентитет, за личното име, не очекувам и ништо подобро. Седете дома и молете се за парно и за струја, и плата на време! Убаво ни се прави!
извор: Курир.мк