Валерио Орлиќ: Поетите се светилничари на животот

Да се биде поет во денешно време е силна светлост која низ пламенот на зборовите ги упатува суптилните и нежни души кон совршенството на постоењето. Да се живвее во склад со совршенството, не е воопшто едноставно. Денес човекот многу лесно воден од материјалните побуди знае да потпадне под некои зли сили, иако длабоко во себе сепак знае дека единствената убавина и совршенство доаѓаат од складот со природата, па и со сопствената природа – ВЕЛИ Валерио Орлиќ, хрватски поет кој зад себе има 20 поетски книги, бројни преводи и признанија, меѓу кои најактуелна е европската поетска награда „Хомер“ за особен придонес во поезијата.

Валерио Орлиќ е хрватски поет роден во Риека, основач и почесен претседател на Хрватското книжевно друштво, иницијатор на повеќе меѓународни поетски и книжевно-научни манифестации, меѓу кои и „Во спомен на книжевникот Анте Земљар“ што на 24 август по 10-ти пат ќе се одржи на островот Паг. Нашиот соговорник е вљубеник во убавината и животот, вистински верник во поезијата и добар познавач на балканската книжевна сцена. Неговите размислувања за поезијата се отсликуваат и во неговите стихови  преведени на дваесетина јазици во светот.

Што значи да се биде поет во денешно време? Каков е поетскиот сон денес? Важат ли уште вашите стихови во кои велите поетите се само лудаци што сакаат светот од сон да го пробудат?

  • Зборот е толку моќен што поетот во вртлогот на својата поетска сила ги чувствува и шепотот на морето, тивкиот жубор што се слуша додека се бакнуваат ѕвездите или планетите. За такви песни поетот живее, за таков пламен согорува и му говори на светот за тој да созрее како некаков плод. Секоја песна на поетот му значи живот, таа е како надеж или капка крв. Тој сонува дека ќе го облагорди светот, а всушност неговиот живот е сновидение за убавината на животот и светот. Неговата патека е проткаена со најситните нишки на љубовта, но тој не сонува туку го живее својот сон. Неговиот пат е пат на бескрајна убавина.Вака јас го вдишувам најубавиот позив на светот – поетскиот. Најзначајната поврзаност со Хомеровиот сон е токму бескрајното патување. Секој вистински поет го пренесува својот сон. Јас се чувствувам како витез кој ја пренесува својата поетска нишка сакајќи да го оттргнам слепилото од лошото живеење.

Како ја доживеавте наградата „Хомер“, сепак е награда со големо име?

  • „Хомер“ за мене е навистина големо признание, препознавање на мојата работа и зачувување на изворната поезија. Да се добие оваа нагреада секаао дека е голема чест и јас сум среќен што моето творештво беше препознаено и во европски рамки, односно во Брисел од каде што доаѓа наградата Хомер за 2018 година. Наградата е поттик и понатаму да го следите вистинското петско вдишување, оној прв здив без кој не би можеле ни да постоите ни да ја впивате убавината на светот.

Како работи, расте и на што е најгордо Хрватското книжевно друштво?

  • Хрватското книжевно друштво е една мала заедница која ги поврзува различните култури кои пак се темел за убавината на светот. Запознавајќи ги овие мали богатстава, ја запознаваме убавината на светот, а кога убавите нешта се случуваат доволно често, човек не размислува за глупости. Знаеме дека човечката глупост може да биде бесконечна, а на тоа не учи и историјата. Токму затоа Хрватското книжевно друштво и сличните на него заслужуваат навистина пофалба, затоа што го насочуваат човековото битие кон убави нешта. Што се однесува пак на нашето делување, горди сме на нашиот меѓународен книжевен фестивал „Денови на пријателите на книгата“ во Ријека, на книжевната колонија на островот Паг, на научно-книжевниот собир „Петар Канавелич и Корчула“, „Сеќавање на Анте Земљар “ и сл. Овие манифестации станаа препознатливи и меѓународно, а препознатливи се и неговите основачи и учесници и тоа како вистинско весело книжевно друштво.

Вие и вашите колеги поети од Друштвото ставате голем акцент и почит на традицијата и ги негувате спомените за вашите претходници. Колку чувањето на споменот за оние што твореле пред нас е навистина значаен?

  • Првата награда и манифестација е врзана со името на Анте Земљар. Тој е голема книжевна фигура која остави длабоки траги во книжевноста и кај неговите познаници, иако беше прогонуван од политичките режими речиси целиот негов живот (1922-2004). Неговиот живот опфати два воени периоди (1939-1945) и 1991-1995 и тоа остави длабоки траги на неговото творештво. Автентичноста на неговите раскази и стихови е токму во тоа што се доживеани и проживеани. Интересно е дека тој како партизан го преживеал Голи Оток, за потоа да биде забранет како книжевник, а во 90-те години локалните мештани му ја минираа куќата и тој всушност до крајот на својот живот не можеше да се врати во своето огниште на Паг. Хрватското книжевно друштво, оваа 2019 година по 10-ти пат ја организира манифестацијата „Во спомен на Анте Земљар“. Горди сме на тоа што го чуваме споменот на овој врвен книжевник кој го преживеа Голи Оток, а целиот свој животен пат го објави во книгата „Пеколот на надежта“ (заб на прев.).
    Кога зборуваме за наградата Јосип Еуген Шета, всушност говориме за награда за необјавено поетско дело што го носи името на мојот голем пријател и поддржувач на идејата за основање на Хрватското книжевно друштво. Шета беше и прв секретар на Друштвото и права школа за боемски поетски живот. Носеше силна поетска вредност во себе, а тоа го почувствувавме најмногу по неговото заминување. Токму затоа наградата е многу значајна и за поетите, но и за нашето Друштво.

Каква е современата книжевна сцена во Хрватска?

  • Хрватската книжевна сцена ја обликуваат писателите, и таа во суштина е многу побогата отколку она што здруженијата и антологичарите го прикажуваат. Проблем е што тие се врзуваат за антологии, книги, веќе постоечки имиња на неталентирани поети, кои пак исто така академски и научно потковани учат да пишуваат поезија токму од не-поети. Тоа е страшно поразително за поетското творештво. Тие креираат свој свет, кој не е лесен за гледање посебно низ очите на вистинскиот поет. Не би им било лесно ни на Матош, ни на Тин (Ујевиќ) да се живи. Не значи дека се’ што политиката, книжевните асоцијации, медиумите ќе наметнат има книжевна вредност. Вредноста се крие во креативниот универзум на поединците. Тие го слушаат својот повик и ја пренесуваат поетската реч на светот и на луѓето. Ова го знам, затоа што во нашето друштво има поети од кои не би се засрамиле ни најдобрите антологичари. Но не се виновни поетите, виновни се токму лошите антологичари на кои им недостига знаење за современата хрватска поезија. Затоа антологиите ни се нецелосни и бедни. Но не е се така црно, има нови и млади поети кои ги воочуваат недостатоците и со својата работа ги менуваат нештата на подобро. Тоа се брзи и тешки чекори за поединецот, но бавни за книжевната сцена. Сите знаеме колку е важно да се чекаат тие чекори затоа што младоста е полетна, а книжевната хиерархија е тука да ја смири младоста и нејзината креативност. Се радувам што и мојата мала поетска креативност внесува промени на оваа сцена.

Како добар познавач и на македонската книжевност, како ги оценувате нејзините современи текови и автори?

  • Македонската книжевна сцена достигна нови сознанија, од родољубивиот набој помина се разви во лирско струење или авангарден поетски пристап. Дури и прозата ги доби овие авангардни црти, па има комбинација и на СФ елементи. Оттргнувањето од традиционалното многу помогна македонските автори да излезат и надвор од вашите граници, да бидат преведени на светски јазици и да бидат вбројувани во врвот на најдобрите европски и светски писателски имиња. Да се издвои само едно име е премалку, но да не го споменам името на проф. Васил Тоциновски е нечесно. За да бидете добар писател, треба да бидете добар човек и добар педагог,. Сите овие квалитети можат да се препознаат во целокупното творештво на Тоциновски. Од младите автори одличен впечаток ми остави Славчо Ковилоски, а современата македонска поезија и македонските поети се вистинска радост за секој љубител на поетската реч. Поезијата е планетарна, а поетите се светилничари на животот.

Александра Јуруковска

You May Also Like