Во ова турбулентно, динамично и тензично време, кога насекаде преовладува негативна атмосфера, за жал, убавите и креативни работи со високи и трајни вредности, како што е поезијата, не само што не го добиваат заслуженото внимание, туку се целосно потиснати и маргинализирани.
Одбележувањето на Светскиот ден на поезијата е соодветен повод за јавно да се предочи дека секој може за само неколку минути, колку што се неопходни да се прочита една песна, да отвори посебен влез за чист проблесок во форма на стихови што ќе го облее јадрото на неговото битие и ќе го совлада и расчисти темниот внатрешен хаос што претставува последица на комбинацијата меѓу хроничниот недостиг на време, психичката истоштеност и емотивната потиштеност.
Продолжувајќи со издвојување на само неколку минути за прочит на нова песна во текот на следните денови, човекот постојано ќе ја збогатува својата духовна ризница со креативни скапоцености, што ќе ги восприми спокојно тогаш кога тој/таа ќе почувствува дека е најсоодветно повторно да се сосредоточи на поезијата.
Така постапно ќе се разбие заблудата дека современиот човек, кој е преоптоварен, растргнат и живее дисхармонично како да е под непрекината опсада, не може да се ослободи и да издвои ниту две минути за да посвети внимание на нешто што истовремено восхитува и облагородува.
За да се подигне јавната свест за суштествената вредност на поезијата и потоа истата постепено да се заврсти, доволно ќе биде да се направи првиот мал чекор, односно секој по сопствен избор да издвои неколку минути за да прочита една прекрасна песна што ќе му остави длабок впечаток, а континуитетот ќе предизвика целосен пресврт, издигнувајќи ја поезијата од маргините на кои се наоѓа денес, на пиедесталот што таа го заслужува.
Јовица Тасевски Етернијан, поет и книжевен критичар