Штрајковите се логичен одговор за лошите економски политики

Пред точно четири месеци пишував за тоа дали има инфлација, и дали тоа топче ќе се одмота и ќе тргне во правец кој никој не го посакува. Сето она за кое го зборував, и кое многумина го релативизираа и ми велеа дека кревам паника, и дека се ќе се реши и среди, очигледно не е баш така.

Лошото водење на економијата, постојаното задолжување, обидот да се додворат на најсиромашните со притисок на приватниот сектор за кревање на платите, плус лошата политика во сферата на сопствено производство во повеќе области (енергетика, земјоделие), ќе не направи увозно зависни, а со несреден извозен пласман, намалена потрошувачка моќ, и секако инфлација.

Што прави изминативе години оваа владејачка структура на СДС и ДУИ? Врши притисок врз приватниот сектор со раст на минималната плата до 80% за 5 години, зголемува пензии и плати од ракав, не креира нови работни места во приватниот сектор, прави превработеност во државниот сектор и јавните претпријатија, дополнително во времена на корона пандемија ангажира илјадници договорци, троши нетранспарентно на стоки и услуги, не ги реализира планираните капитални инвестиции, спречува и селективно блокира урбанистички планови, ги кочи субвенциите кон земјоделието.

Владата излезе со бројки за тоа колку биле покачени платите во сферата на образованието во изминатите 4 -5 години. Очигледно заборавија да споменат што се може да се купи со тие пари, колкава е потрошувачката вредност на таа плата тогаш и оваа сега.

Цените вртоглаво растат, поскапено е буквално се. Со притисокот кој Владата сакаше да го створи врз стопанството, со туркањето на долната граница, платите не се декомпресираа, туку баш напротив, се компресираа и стуткаа во разлика од 100 евра. Апсолутно огромен дел од вработените и во државниот и во приватниот сектор сега земаат меѓу 300 и 400 евра. Платите рипнаа само кај оние каде истите беа врзани со бод поврзан или со просечната или минималната плата. Со тоа се растури во целост онаа ниска средна класа, интелектуалците и администрацијата.

Едно нешто не можам да сфатам? Државата сака да се движи напред, но се уште не го регулира системот со плаќање по работен час, флексибилно работно време, контроли при плаќање за ноќен труд, за прекувремено, работа во недела и празник.

Државата се уште нема план кого и што се стимулира и промовира. Нема мајстори, водоводџии, електричари, градежни работници, шофери, имаме дефицит на доктори, но нашето образование се уште водечки струки се право и економија, а најголемиот дел од децата учат во гимназии.

Едноставно нема план, идеја и визија. Само гол популизам и сурова борба за власт. Обиди нешто да се преплати, наплати, заколе. Да се приватизира што може, што остана, по можност некој „мастодонт“, кој е монопол.

Да, за штрајк. Целосен, комплетен. Тој кој го створи проблемот, тој нека го решава. И препорачувам на Владата да излезе од зградата во која пред да се вселат ја викаа „шампита“, а сега уживаат во неа и јадат „чорби за пеефче“ и бифтеци, и да прошетаат малку меѓу обичен народ.

Нека отидат на Бит пазар, Зелен пазар или еве нека му го расипат викендот на народот, па нека прошетаат сабота, недела низ Градскиот парк. Секако, не мора тоа да биде само Скопје. Нека ја рашетаат Македонија. Е тогаш ќе сфатат каде згрешиле. А народот убаво ќе им ги „пренесе“ во лице ставовите, ако имаат „стомак“ да ги примат.

Доста беше! Дури и да потпишете се’, дури и до јуни да добиете некаков фиктивен датум за преговори со ЕУ, џабе е! Шанса имавте, и не ја искористивте. Факт е дека потешко и полошо се живее. Цели 5 години, ништо. Само отстапки и повлекување, задолжување до плафон, без инвестиции, без развој, без правда, без ред и поредок.

Локалните избори беа јасен и видлив шамар. Очекувам најдоцна на есен и финален нокаут, за да ја ресетираме државата, и конечно расчистиме со сите негативности и целиот трулеж кој се створи и напласти.

 

Александар Ристевски

 

 

 

извор: Курир.мк

You May Also Like