Револуционерен настан во организација на Институтот за македонска литература

Универзитетските центри и факултетите обично се познати по својата воздржана, конзервативна политика во однос на современите трендови и новите културно-уметнички појави и пројави. Тие имаат развиено повеќегодишни планови според кои се раководат и имаат воспоставено критериуми до кои строго се држат.

Ваквата позиција е разбирлива, особено кога станува збор за образованието од кое зависат животите на илјадници студенти, но тоа не треба да претставува пречка за соочување со новите трендови кои веќе ги окупираа светските образовни центри и според кои веќе од поодамна се соочени научните истражувачи, студентите и интелектуалците кои формално ѝ припаѓаат на т.н. западна цивилизација.

Во таа смисла, Институтот за македонска литература направи револуционерен чекор со организирањето на трибината „Хип-хоп култура (40 години уметнички перформанс), одржана на 8 мај во просториите на Институтот. На Културолошките студии на оваа институција веќе се воведени предмети кои ја обработуваат урбаната култура (Субкултура и Елитна и масовна култура).

Познато е дека од 2005 година организацијата Хип Хоп Македонија има одржано предавања и дискусии за хип-хопот во разни културни центри, средношколски установи, на Филозофскиот факултет, како и на Факултетот за музичка уметност, но оваа трибина е првата од ваков вид организирана од високонаучна институција во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Организирана на највисоко академско ниво, на трибината настапија повеќе универзитетски професори кои дадоа свои видувања за урбаната култура и одредени аспекти на хип-хоп културата, како на пример: скречот, бизнисот, револтот итн.

Со организирањето на овој настан, Институтот за македонска литература ја вклучува нашата Република во редот на земјите каде што хип-хоп културата се изучува во рамките на образовниот систем, обработувајќи најразлични аспекти: поврзаноста со религијата, социологијата, философијата, политиката, револуцијата, моралот и етиката, феминизмот и родот итн.

Радува фактот што на настанот учествуваа и поголем број хип-хопери кои низ годините оставиле силен белег на македонската рап сцена. Овој факт има големо значење, бидејќи со нивното присуство трибината доби легитимитет како посредник помеѓу „улицата“ и „науката“. По завршувањето на излагањата следуваше долга дискусија за значењето, идеите и можностите што ги нуди хип-хопот и неговата иднина.

Ќе повторам, со организирањето на трибината „Хип-хоп култура (40 години уметнички перформанс“, Институтот за македонска литература покажа концептуална отвореност кон новите и современи културни поимања на урбаната култура, што е за поздравување. Ова не треба да се сфати како безусловно прифаќање на некаква „странска формула“ или „идеја“ на урбаната култура, туку како можност за прифаќање и унапредување на една современ начин на живот, кој може и се развива посебно во секоја земја, во зависност од традицијата, сфаќањата, технолошката развиеност.

Тврдењата дека не треба да обрнуваме внимание на хип-хопот само го покажуваат ниското ниво на нашите тесногради сфаќања и прифаќања на новото и модерното, бидејќи сакале ние или не, живееме во свет на хип-хопот преку модата, танците, музиката, графитите, дискотеките и радиото, телевизијата и филмот итн. Со еден збор, треба да прифатиме дека околината околу нас се менува, а нели, не би сакале да заостануваме премногу зад оние кон кои се стремиме.

д-р Славчо Ковилоски, научен советник

You May Also Like