Фактите за постоењето на идентитетското име на Македонците во ова дело се прикажани со монументална сеопфатност на историски засведочени записи подредени според хронолошка методологија, дополнително придружени во конкретни историски услови, социолошки контекст, социјален статус, колективен менталитет (нарав), психологија на расудување, а сето тоа дадено во точно одредена синхрониска точка од многуилјадната историска дијахронија.
Она што во прв момент доаѓа до израз е сублимираниот јазичен израз на авторот, за кој поткрепа даваат квантумот на обработени и приложени историски податоци. Ова дело за Македонија од епски размери покажува дека во слободниот историски период, од кога Македонците практикуваат суверена македонска државност, историографските податоци во голема мера се професионално обрабoтени од безмалку сите историски периоди. Тоа значи дека дескриптивниот момент на фактите македонската историска наука го извршила на висина на дадената задача. Јазичниот стил на Светозарeвиќ ни дава еден многу интересен податок, а тоа е дека сега претстои период на сублимирање на дескриптивно обработените податоци, извлекување заклучоци во поширок социлошко-општествен контекст, посвесно себепоимање во денешницата и искристализирана сознајна свесност за себепостоењето во историското патување. Всушност, авторот трасира јазичен дискурс кој сублимира, синтетизира, извлекува заклучоци од историјата со употребна вредностза државотворни елементи. Читателот, воспримајќи го градивото, добива многу јасна слика за настаните и генезата на денешните општествени процеси и состојби, па може да се каже дури и последици. Таквиот јазичен стилски израз овозможува создавање тродимензионална слика во перцепцијата на читателот за себепостоењето на колективното Јас. Авторот го искачува читателот на ниво до птичја перспектива и какоод платформа му ги нуди историските податоци, секако поминати низ филтерот на релевантната наука.
Бидејќи се обработува исклучително долг временски период, интересна е траекторијата на постоење на идентитетското прашање кај Македонците и неговото историско патување; од проблесоци и светска доминација до понирање, па повторно ренесансно изникнување, себеистражување,докажување за континуитет и на крајот зрело себепоимање. Во тој идентитетски континуитет би го издвоил средновековието, период на намалена интелектуална пројава и историски хијатус. Во таквата историска длапка, како нужна реакција на загрозено ткиво, се јавува колективната меморија на народот преточена во усната наративна традиција. И тој устен наратив, како река понорница што се губи па извира повторно од никаде, своето материјализирање го реализира во преродбенскиот период. Оттаму, од записите на собирачите на умот народен од XIX век, дознаваме за големите цареви и нивните походи, за просветителите кои ја описменија половина Европа, за пуританскиот воин кој станал цар, за вазалот на Османлиите кој го заштитувал својот народот од физичко исчезнување, односно дознаваме за сопствената низа на постоење.
Ваквата кодирана свесност за постоење ќе ја споредам со еден лингвистички момент. Имено, во современиот македонски јазик е нормиран петвокален систем, и тоа: а, е, о, у, и. Фонетиката, како јазична дисциплина која ги истражува физичките карактерискити на гласовите, за македонскиот јазик кажува дека е единствениот во светот со чист изговор во нормираниот јазичен израз. Ваквите факти за македонскиот вокален систем се потврдени и со аудиометски мерења на физичките карактеристики наовие пет самогласки. Понатаму, слична на фонетиката, ни доаѓа фонологијата, односно јазична дисциплина која го истражува однесувањето на вокалите во фунција, т.е нивнот варијантен изговор во зборовите и речениците кое е дефинирано како алофонија. И токму тој варијантен изговор на вокалите, односно алофоните, е примарен признак за дијалектната диференцијација на јазикот. Според тоа,ние препознаваме дали некој роден говорител на македонскиот јазик е од западното или е од источното нарачје, дали е од Тетово или е од Берово, дали е од Воден или е од Неврокоп. Па така, секој роден говорител на македонскиот јазик од кој и да е крај, колку и да сака да го усвојува стандардизираниот јазичен израз, особено чистиот вокален систем, сепак по кодираната фонетска база која си ја носи од своето раѓање, усвоена од родителите, се препознавава неговото роднокрајно потекло.
Токму таква е и кодираноста на идентитетот на македонскиот народ, без разликанаисториските моменти и општествено-социјалните услови. Идентитетот на македонскиот народ континуирано се потиснува, но сепак избива и како кодирана порака продолжува да се репродуцира.
Од крајот на XIX до средината на XX век македонскиот идентитет добива стабилно теориско дефинирање. Се јавуваат созреани интелектуални личности кои даваат сеопфатанитеориски тезиза македонскиот идентитет, лишени од емоционална пристрасност, а со емотивна зрелост, што, пак, е знак за изградена емоционална интелегенција. Во овој контекст би издвоил неколку историски ликови кои не се премногу изразени во експонираната школска историја, но и помалку познати делувања на експонирани историски личности. Во овој период се појавува и свесност за економска стабилност, но и уште повнимателно избраната терминолошка синтагма – економска целост.
Така, Теодосиј Гологанов, од поп во Серско, крај кој потпаѓал на Грчката патријаршија, се провира во системот на Бугарската егзархија и станува митрополит на Скопската епархија, менувајќи ги притоа сите намесни свештеници и учители во негова надлежност и назначувајќи нови со услов да бидат застапници на обновувањето на Охридската архиепископија. Овој историски лик е впечатлив пример на борбата за македонската кауза, искористувајќи го постоечкиот државен систем подривајќи го однатре.
Тука е свесноста на Петар Поп Арсов за општественото делување на поединецот изразена во реченицата: „Одземете му го на човека полето на дејствување – тој е веќе мртов.“
Понатаму, нашиот основоположник на современата македонска поезија, Коста Солев Рацин, не е доволо експониран и како филозофски теоретичар на македонските состојби, па така во една прилика ќе рече: „Ете и историјата сакаат да ни ја скријат, да ни ја земат за да ни ја земат душата за да докажат дека сме племе без историски континуитет. Народ кој нема свое вчера, кој нема свое денес, не може да има ни свое утре. Ете, нашето вчера треба да исчезне за да се стопи нашето денес и за да се избрише секоја мисла за нашето утре. Континуитетот постои – континуитет на маки и страдања, но и континуитет на отпори, борби и еден чудовишен континуитет на национална отпорност и на народна жилавост.“
А, пак, интелектуалниот ум, Ангел Динев, сета суштина на македонската опстојба ќе ја собере во еден здив: „Народот што му ја даде азбуката на целиот словенски свет, што го излачи од својата утроба великиот револуционер – реформаторот Богомил и пуританскиот воин Самоил; кој живееше во револуционерната република создадена тајно на територијата од султанската држава цели 19 години, од 1893 до 1912 година; кој со себеодрекување ја создаде Илинденската епопеја; кој водеше крвопролевна вооружена борба против вооружените пропаганди; кој се биеше против султанските војски на улиците од Цариград – тој народ никогаш, никогаш нема да го заборави своето историско минато и наспроти немањето секаква слобода нема да го изгуби својот етнички лик, ни својот дух, ни својот мајчин говор.“
Делото од Бранислав Светозаревиќ – Покорни „Македонци – милениумски сведоштва за идентитетското име“ поставува историски размери и дава системски приказ за идентитетскиот континуитет на македонскиот народ, како и сеопфатен одговор на оспорувањата на македонските идентитетски признаци од балканските соседи. Но, во целава ситуација има и еден апсурд! Користени се цели државни стратегии и финансиски средства, како и репресивни мерки за докажување дека македонскиот идентитет не постои. Оттука, се поставува прашањето, ако македонскиот идентитет не постои, зошто толку многу се потрошени и сѐ уште се трошат ресурси за да се оспори непостоењето!?
м-р Александар Јорданоски