Одговорноста е нешто што во современиот свет е реалност, а кај нас мисловна именка. Не знам како многумина планираат да ја градат и развиваат Македонија како држава, без да сфатат дека за своите недела, лошите политики, скандалите, некој некогаш мора да понесе одговорност и да биде санкциониран.
Не зборувам само за кривични дела, криминал и финансиски злоупотреби. Зборувам и за лошо раководење, недомаќинско трошење, разни форми на државни и национални предавства, клиентелизам, непотизам, и што ли уште не!
Не можам да сфатам како ликови кои паднале на избори, загубиле посебно од позиција на власт, покажале некадарност или немање рејтинг, гарнитурата која владее да веднаш преку ноќ ги рехабилитира и ги поставува на уште посилни позиции во Владата и значајните државни институции. Сносењето одговорност се однесува токму на ова. Кога народот ќе те делегитимира, или ради низа пропусти или лошо раководење си сменет, не секогаш значи дека си политички мртов. Светот знае за многу ситуации, каде после неколку години ликови се враќаат повторно на раководни државни и владини функции, но тоа е откако вистински ќе се преиспитаат, созреат, оправат.
Само кај нас оние кои се во очите на народот неуспешни опстојуваат, додека оние кои се народски речено „со крст на чело“ и сакаат ред и функционалност, први летаат и се целосно маргинализирани. Тоа е проблем на самиот систем во кој се’ се решава со намигнување, ишарет и договарање во четири очи.
Проблемот е и во високите структури кои долги години не превземаат рез и не прават услови за функционална држава, но и во контаминираната кадровска политика. Кадровската политики која место да селектира стручни или барем работливи луѓе, неретко се потпира на ликови кои се лојални на одредена свита или политичка лоби група, и ги кочат, успоруваат, закржлавуваат институциите и системот, и истиот го прават дисфункционален. Во Македонија врие од стотици, илјадници шефчиња и раководители кои се незадоволни дали од позицијата, дали од личниот доход, и како казна свесно го успоруваат функционалното работење. За волја на вистината, таквите лица (барем оние чесните) неретко на тој начин успеваат и да ги изблокираат разните хирови, фрустрации и лоповлук на оние над нив, именуваните.
Во основа имате две категории раководечки кадар: чесните, државотворните, патриотски настроените, и како втора страна бескрупулозните, ограничените, материјалистите. Овие две групи не можете да им дадете партиско или етничко обележје. Се е до самата личност, до личниот интегритет. Нешто што се повеќе се губи, и го демотивира обичниот народ да се бори и да функционално делува, за да на крајот се откаже. Да се откаже, да се исели, било каде само не тука, а од таму преку социјалните мрежи да се бори за правда на земјата која со тешко срце ја напуштил.
Самите преговарања за парламентарно мнозинство, па овие селски пазарења за министри и директори, па и на локално ниво, говори за тоа какво дно сме. Како да зборуваме за држава, за систем, кога дури и професионални и стручни институции, каде раководните лица се бираат на јавен конкурс врз основа на програма и биографија на кандидатот, политичките субјекти ги пазарат од напред, правејќи ги постапките фарса? Апсолутно е слично при изборот на кадри и огласите за вработување, затоа што доколку малку се заинтересирате и распрашате, ќе видите дека за повеќето за едно место се пријавува токму еден човек.
Јас проблемот не го барам само во државниот сектор и политиката и политичкиот фактор. Причината зошто е вака е и поради неретко феудалистичкиот одност на многумина од работодавците во приватниот сектор. Прекувремени неплатени часови работа, работење за викенд, во смени, нелогични казни, немање критериуми за напредок и бројни други недостатоци, прават работата во јавниот и државниот сектор да биде многу по привлечна, дури и при помали месечни примања. А потврдата дека нешто не штима и тука е и повеќе од очигледна. Приходите кај многу од газдите вртоглаво растат, а платите едвај се поместуваат. Така и настанува самото класно раслојување.
И пак доаѓаме кај одговорноста. Не само за онаа која најчесто се зборува, кривичната, најчесто од финансиска природа, туку севкупната, пред се моралната. Многумина кај нас општествено политичкиот ангажман го сфаќаат како основа за правење капитал. Многу малку со оние кои тргаат со премисата да остават трајни дела, се оправи и опорави системот, да направиме функционална држава. Ако на крајот така се тера, добро е да на тие кои останаа идеалисти да им се каже дека нема ништо да се смени, да се спакуваме и тргнеме со карта во еден правец.
Вака веќе не оди!
Александар Ристевски
извор: Курир.мк