Цели 30 години политичките елити го фарбаат народот со ЕУ интеграции. Со подобар живот, со подобри услови, повисок стандард. Прашањето е само која од двете структури води, и секако кој е оној од позадина „лапа“ а се вади на етничка припадност.
За жал, иако зборуваме цело дека сме парламентарна демократија, дека имаме граѓански устав, всушност ние сме еден бинационален хибрид, со договорна племенска хиерархија. Се менуваат ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, се шлепа албански политички субјект од позадина (во случајов ДУИ)кој од 2008, до 2017 функционираше на принципот „победник со победник“ (демек, најјаките ваши, со најјаките наши) и еден куп претставници на помалите народи и заедници кои се мотаат лево/десно, наводно претставувајќи ги Ромите, Власите, Србите, Турците, Бошњаците, а се всушност само контингент за исполнување на Бадентер, при гласање на одредени клучни закони, и своевиден декор пред меѓународната заедница.
Како минуваат годините, ќе се испостави дека токму „западот“ (мислам на САД, очигледно ЕУ не покажува дека дорасната да испорача нејзини автентични политики, кои се неретко субјективно неправедни кон нас во зависност од тоа кои се претставници тука) е оној кој го трасира патот и детерминира приоритетите и чекорите кои ќе мора да ги исполниме.
За почеток се смени знамето и се откажавме од Македонците во соседството. Ни се бараше промена на Устав во 2001 година, се испорача. Ни се бараше промена на територијалната организација во 2004та, која ништо подобро не донесе, и тоа се испорача. Се даде амнестија за агресорите од 2001, се испорача. Актуелниве продадоа име, јазик, идентитет, и против волјата на народот, се испорача. Интервенираа во сферата на брак, сексуални и родови прашања, и тоа испорачано. Воено станавме дел од НАТО и токму до сегашните условно речено „непријатели“ од соседството се тие кои гарантираат за нашата безбедност.
Ова беше само едно општо таксативно набројување, за да сфатите дека во нашата глава стои дека сме дале се, а не сме добиле ништо. А проблемот е по длабок и по суштински. Справување со внатрешните институционално политички злоупотреби. Ние сме дисфункционално општество, без функционални заштитни и контролни механизми, а и тие кои ги имаме на хартија, не делуваат во пракса.
Кај нас нема ниту морална, а камо ли кривична одговорност. Кај нас, дури и кога ќе се детерминира криминал и злоупотреба во работењето, максимум што може да очекувате, и тоа после долг притисок на јавноста, е некој да биде сменет. Нема анкетни комисии, истрага, постапка, кривична одговорност. Дури и во случаи во кои има вина и пресуда, има жалби, повисоки нивоа, плачење, молење, кукање, и на крајот ништо. Па дури и да има одговорност, многу ретко има конфискација и наплата.
И во случаите кога тоа ќе се случи, евидентно е дека истото не се тера затоа што се бори системот за правда, туку затоа што е некаква лична агенда и своевидна освета и лична нетрпеливост, од позиција на моќ и власт. Е токму ради тоа народот не верува, ни во државата, ни во правосудните органи.
Ова што опозициската ВМРО ДПМНЕ го објавува деновиве за голема бројка на функционери од власта е токму тоа. Раскалашено и неодговорно однесување, без за истото да се сноси одговорност, плус префрлање на вината или релативизирање. Тоа е знак на структура во заминување, која само купува денови, пред својата пропаст. Да не заборавиме што се излезе изминатите 5-6 години а остана скриено по чергиче и подзаборавено.
А нај евидентно како функционираме како општество е сообраќајот. Јас не знам каде во Европа во главен град на една држава, кој каде сака паркира, кој каде сака застанува, вози брзо колку сака, се качува со кола на велосипедска, на тротоар, пред нечија гаража. А народот со време стана огледало на системот.
Следете ги сигналите кои Западот ни ги дава. Одредени апсења, токму со поддршка на странскиот фактор, не беа случајни. Време ни е да сфатиме дека за во ЕУ, а со самото тоа што сме НАТО членка, не врши работа само полтронскиот однос и климање глава. Повеќе ќе не ценат и кога ќе се спротивставуваме, колку имаме функционална држава и правен поредок. Вака, џабе е се! А до тогаш? Само борба против злоупотребите и одговорност. Од актуелниве, толку!
Време е да се средиме како држава ради себе самите. Не затоа што некој не тера. А за тоа да се случи, судот на јавноста е многу битен.
Александар Ристевски
извор: Курир.мк