Самата идеја на Светската унија на поети е обединување на поетите во светот во функција на подигање на свеста за потребата од целосен мир на планетата Земја – вели во интервјуто за cooltura.mk
Mитко Гогов поет, раскажувач, публицист, кој меѓу другите титули неодамна ја доби и онаа за почесен конзул на Поетската Република во Банат, Србија.
Поетската Република е резултат на неколкугодишната манифестација European facebook poetry festival, организирана од страна на Банатскиот културен центар и Радован Влаховиќ. Токму на оваа маниффестација во 2011 година Гогов беше еден од наградените автори, а мојата Ледена вода“ за прв пат беше издадена таму – потенцира Гогов, објаснувајќи ги привилигиите и можностите кои и’ се даваат на поезијата преку ваквите организации.
Што значи титулата почесен конзул и воопшто што значи Поетската република и членството во неа?
– Од наградата и објавувањето на мојата збирка во Банат до ден денес, јас сум дел од годишното жири кое ги избира победниците на конкурсот, а по успешната реализација на огромен број активности од книжевната област, организаторот поради големиот интерес за самиот конкурс на поети од цел свет реши да ја формализира самата идеја на едно попрофесионално ниво и целиот концепт да го редефинира во една т.е. „Песничка Република“ која со самото конституирање ги доби првите 120 почесни граѓани, членови кои учествуваа на истоимениот реализиран настан, крајот на минатиот месец, а беа назначени и почесни конзули и амбасадори, меѓу се најдоа поети од Германија, Америка, Шведска, Словенија, Хрватска, Чешка, Швајцарија, Аустрија, Русија, БиХ, Канада, Словачка, Холандија, Италија, Франција, Австралија, Македонија и тн.Со оваа титула се зголемува можноста за меѓународна соработка меѓу самите членови на Поетската Република, како и нивна промоција. Поголем простор за афирмација на поетите, како и децентрализација или деметрополизација на самите настани кои во иднина ќе бидат реализирани.
Има ли разлика меѓу конзулското место во Банат и поетските амбасадорски места во Ужуписката република во Литванија и Светската унија на поети? Кои се задачите на членовите, обврските и привелегиите што ги имате?
– Ужуписката Република во Литванија има сосема различен концепт, таа претставува слободна културна зона во Литванија. Ужупис или Užupis (белоруски: Зарэчча, полски: Zarzecze, руски: Заречье) е населба во Вилнус, главниот град на Литванија, во голема мера се наоѓа во стариот дел на градот Вилнус, дел од светското наследство на УНЕСКО. Областа станува популарна за уметници од цел свет, а по некое време е споредувана со Монмартр во Париз и Фритаун Кристијанија (Freetown Christiania) во Копенхаген, поради неговата боемска и лежерно опуштена и креативна атмосфера. На 1 април 1997 година, областа се прогласува за независна република (Република Užupis), со повеќе од 50 амбасадори од цел свет. Функцијата во Светската унија на поети како амбасадор, но од скоро време и како претстедател за Македонија исто така има друга дефиниција, цели и мисија на дејствување. Самата идеја на основачот на Светската унија на поети Силвано Бортолаци е обединување на поетите во светот во функција на подигање на свеста за потребата од целосен мир на планетата Земја, самиот хуманистички пристап кон загрозените подрачја во светот и посочување на проблемите со кои се соочуваат одредени држави. Целта е преку посебните т.н. Школи за поезија (Scuola di poesia), односно јас како координатор на делегацијата Македонија преку конкретни дати и предизвици да ги мобилизираме поетите од Македонија и да ги насочиме да размислуваат и креираат поезија која ќе одбележува добри и лоши пресеци на нашето секојдневие. Досега реализиравме четири online изданија: „Поетискон“, „сеМир“, „#поплава“ и „жена. човек. тишина“, секако со помош на логистиката и менаџирањето од страна на нашето Здружение за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“. Особено ми е драго што општина Струмица сите овие години имаше слух за сите алтернативните настани и активности кои ги спроведував, за што сум посебно благодарен.
Освен преку Вашето творештво со членството во овие асоцијации, вербата во убавиот збор активно ја покажувате и како организатор на глобалната манифестација „100 илјади поети за промена“ во Македонија. Можат ли поетите да донесат промена и каква?
– Со оглед на тоа какви се состојбите и на локално и на глобално ниво секојдневно сме сведоци на непријатни новости и настани кои не поместуваат од комфорната -состојба во која понекогаш сите ние знаеме да запловиме, игнорирајќи ги оние проблеми кои не не допираат лично или воопшто не не загрозуваат. Оваа манифестација веќе шеста година по ред во Македонија ќе собира на едно место најдобрите поети од нашата држава, а со конкретните тематски повици, секоја година испраќаме апел до заедницата за она што сериозно не’ загрижува, како: полициската брутапност, корупцијата, војните, терористичките напади кои како никогаш досега не биле толку загрижувачки, егзекуцијата на луѓе и поети, на кои во сопствените држави им се загрозени основните човекови правила, насилството, геноцидот итн. „100 Илјади поети за промена“ ете како дава позитивна слика дека поетите го имаат гласот, но и вербата за едно подобро општество, за еден свет кој сите ние заедно како активни чинители можеме да го подобриме. Поетите во суштина се основата, базата за заштитување на основните човечки постулати, љубовта, толерантноста, прифаќањето на различноста, а со поезијата ја даваат светлата насока кон една убава, позитивна и мирна иднина за сите.
Работите и како концептуален уметник, организатор на културни настани, уредувате списанија кои активно ја следат културната сцената кај нас – па каква е таа?
– Голема е одговорноста за мене и како уметник и како автор, но пред сѐ како човек, моите дела и активности да ја подобрат, збогатат и облагородат културната програма која се нуди во нашата држава. Како организатор на 10 изданија на „Роднокрајни поетски средби“, домаќин на многу поети од Македонија и светот, како граѓанин на државата сѐ уште се чувствувам заробено од политичките игри кои ни се случуваат, и секако гледам огромни можности за подобрување. Од она што успеав да го проследам од културната програма која генерално се нудеше годинава, сепак сметам дека уметничкиот порив и креативен револт кај сите нас културни работници во државата крие нова светлина на крајот на тунелот.
Дали денешниот поет и уметник може да си го дозволи луксузот да мисли само на уметноста или треба да одговории на други предизвици?
– Ретки се луѓето кои ги уживаат благодетите на животот, најчесто стекнати со неоткриена, криминогена позадина, тешко е да се живее само од заработувачката преку продажбата на своите дела, најчесто културните работници во државата за да не бидат жртви и да не живеат на работ на егзистенцијата мораат да работат друга работа и да се бават со нешто што е во спротивност на нивната професија и желба. Предизвици имаме секојдневно – јас можеби не сакам да се разбудат од сонот дека еден ден ќе има место за сите под ова небо, и наместо со “мрсни игри“ ќе излеземе како чесни играчи на пазарот и ќе се натпреваруваме како еднакви конкуренти за кои единствено правило за фер игра ќе биде квалитетот и суштината на нашите дела. Сакам и ќе продолжам да се трудам да бидам еден од оние кои ќе го покренат сивилото кое како тмурен облак надвиснало над нашата држава, иако имам денови во кои ја живеам улогата на најголем негативец и депресивец, нема да се откажам од вербата дека (ќе) постои подобро утре за сите нас.
Александра Јуруковска
:лоботомија на лелекот .
остави ги мачките под стреите
нека си говорат на бебешки
:бабини деветени (?!):
остави ги очите на старците
нека во сенката на денот
создаваат минимализам.
:остави го детскиот плач
и чудните погледи кои сонце рефлектираат
нема радост без пуштена солза
– украдените топки дупнати ќе останат засекогаш.
животните чувства имаат,
но зборови немаат да ни кажат
дека пукнал тивок ЕКот.
.се давиме во УМивалникот на имагинацијата
..сонуваме кадата не е када се додека во неа не падне
твојот електричен шепот.
а векот?!
векот поминува како пешак на црвено
длабоко заробен
затворен
исплашен како на срна ликот
со чекорот мирен и бавен
без да се радува,
милува,
без допир на трева да чувствува
со заборавен скокот во (по)гледот
со завртена земја и застанато оро
со душа (благо)родна,
а сепак пустелна
со пранга тешка
што полека – полека
го руши ѕвекот.
Митко Гогов