„Киненова“ е млад филмски фестивал кој се обидува, и ми се чини, се’ повеќе наоѓа место под фестивалското сонце во нашата земја и меѓу филмофилите, бидејќи нуди оригинален концепт кој содржи чиста енергија, бидејќи носители на истата се едни од најталентираните светски филмаџии, чија иднина допрва доаѓа – вели за cooltura.mk уметничкиот директор на фестивалот Игор Анѓелков.
Под мотото „Првиот филм никогаш не се заборава“ од 3 до 12 октомври ќе се одржи третото издание на Меѓународниот фестивал на дебитантски филм „КинеНова“.
Првите два фестивалски дена се во среда и во четврток (3 и 4 октомври) во киното „Фросина“ во МКЦ, со комбинација на македонски и норвешки остварувања, додека во Кинотеката на Македонија од 7 до 10 октомври ќе се прикажуваат филмови од Ингмар Бергман. Преку проекција на неговите први филмови фестивалот се вклучува во прославата на 100 години од раѓањето на овој култен шведски режисер.
Во киното „Фросина“ од 3 до 5 октомври, а потоа и во „Милениум“ на 6 октомври ќе има фокус на Норвешка, односно како што е најавено – прво претставување на современата норвешка кинематографија во Македонија.
Наградата за особен придонес во филмската уметност ќе ја добие Аница Добра, која го одбележа крајот на 80-те и почетокот на 90-те години од минатиот век. Добра на третото издание на „КинеНова“ ќе биде специјален гостин.
Официјалниот дел на фестивалот е од 5 до 10 октомври и ќе биде отворен со дебитантскиот игран филм на Јани Бојаџи, „Ругање на Христос“, што ќе биде и негова македонска премиера по светската во Монтреал.
Комплетната програма на фестивалот можете да ја најдете ТУКА.
Пред почетокот годинашното издание, разговор со селекторот на фестиовалот, Игор Анѓелков.
„Киненова“ е ново, а сепак логично поглавје во вашата посветеност на филмот. Кој беше првичниот предизвик?
– Пролетва ја издадов втората филмска книга насловена „Филмска град“, една фина алузија на проектот по кој веројатно највеќе сум препознатлив кога станува збор за филмската уметност, „Филмополис“ на ТВ Телма, кој се емитуваше единаесет сезони. По толку многу радио и телевизиски емисии и по двете книги зад себе, ме израдува поканата да бидам програмски селектор на „Киненова“, како искусување на едно ново филмско мени со многу возбудливи моменти. Да сте дел од фестивалска екипа со прекрасен ентузијазам и која со сите сили и можности се обидува (и создава!) многу интересен фестивалски концепт со богати содржини, тогаш радоста е неизмерна. Едноставно, кога коцките природно се редат, не можете ништо против тоа.
Зошто свртеноста кон дебитантските остварувања? Од каде вербата во првенчињата на надоаѓачките имиња?
– Секој љубител на Седмата уметност си има свои режисерски фаворити и со нетрпение го очекува секое ново дело од нив. Но, во последниве години се соочувам со се’ поголеми разочарувања токму од имињата од кои очекувам најмногу. Токму затоа интересот го свртев кон новите, надоаѓачки имиња, чиј светоглед претставува храбар поглед врз реалноста, ново и поинакво видување на нештата претставени на големото платно. Тој мој интерес фино се спои со она што „Киненова“ како фестивал го прави – создавање на фестивалска платформа за поддршка на новите филмаџии од земјава и светот. Откако се пронајдовме, решивме заедно да грабиме напред, во возбудливата иднина, која носи мноштво возбудливи остварувања од новите гласови во Седмата уметност.
Кој беше главниот критериум во вашето пребарување за филмовите во главната селекција?
– За среќа, минатата и оваа година понудија плејада од квалитетни дебитантски остварувања кои со мерак ги изгледав во последниве десетина месеци. Симплифицираниот критериум е филмот да биде „добар“, а не „лош“, секако. Секој од следните филтри си има своја специфичност, но целта ми беше програмата од осум остварувања во главната селекција кои ќе се борат за наградите да доаѓа од различни кинематографии и да нуди нешто сосема ново и возбудливо при раскажувањето на приказните, дали од наративен аспект или на ниво на форма. Есапот на крај ни даде шест европски остварувања (македонски, руски, унгарски, луксембуршки, бугарски и турски), еден азсики филм од секогаш возбудливата иранска кинематографија (всушност, нивниот кандидат за Оскар следната година) и еден јужноамерикански филм од релативно непознатата перуанска кинематографија.
Што Киненова нуди како нова идеја на вљубениците во филмот и културњаците?
– „Киненова“ е млад филмски фестивал кој се обидува, и ми се чини, се’ повеќе наоѓа место под фестивалското сонце во нашата земја и меѓу филмофилите, бидејќи нуди оригинален концепт кој содржи чиста енергија, бидејќи носители на истата се едни од најталентираните светски филмаџии, чија иднина допрва доаѓа. Интересно е кога нурнувате во светот на некој почетник кој снимил фантастичен филм, и чија блескава кариера најверојатно е на самиот почеток, а вие го имате неговото дело на фестивалот, како еден вид поддршка на неговата работа. Истовремено, фестивалот не застанува тука, туку граби напред и со останатата програма, која е разновидна, и во чии рамки публиката ќе може да погледне, за прв пат кај нас, ревија на современи норвешки филмови, да открие еден бисер на турската кинематографија, Зеки Демиркубуз, да ужива во првите филмови на Ингмар Бергман како дел од јубилејот „100 години од неговото раѓање“, а тука се и кратките и детските филмови. Во однос на едукативниот и образовниот аспект, двата мастер-класа и работилниците се вистински потег каде токму луѓето не само од филмот, туку и воопшто, од културата, ќе може да земат активно учество и да споделат искуства, или, зошто да не, да научат нешто ново.
Кој е главниот адут/функција на филмот во светов во моментов, а главниот адут на современиот македонски филм?
– Се плашам дека светскиот филм со години наназад е во длабока криза, и како и музиката, единствено нешто околу кое се врти приказната се парите и заработувачката. Одамна не живееме во времиња кога неговата функција, како во минатото, може да има отрезнувачки ефекти, да посочува неправди, па ако треба, и да крене револуции. Но, со развојот на новите технологии има надеж за ваков след на настаните, особено кај младите и храбри филмаџии, по кои „Киненова“ е во потрага. Ова го гледам како адут и на македонската кинематографија, во чии рамки конечно се појавија млади и свежи сили кои знаат што е филм и за чија работа веќе, или допрва, ќе зборуваме и ќе се радуваме. Доколку се искористи тој меѓупростор и се понудат добро изрежирани и квалитетни приказни од нашата средина, ми се чини дека тоа може да биде препознаено и соодветно верификувано и поддржано и во поширок контекст.
Полето за културни битки е се’ пошироко, но со се помалку борци на него, најверојатно сте еден од ретките (издавач, автор, критичар), каде се проретчивме?
– Можам со сигурност да кажам дека со текот на годините мојата коса дефинитивно се проретчи, речиси и да ја нема, но ако тоа го сфатиме како дел од имиџот, тогаш штетата е минорна. Но, направената штета во однос на моментот кој го детектирате во одличното прашање, кое бара и една поширока општествена опсервација, за жал, е неповратна. Речиси и да нема редакции за култура во медиумите. За емисии, и уште повеќе, за специјализирани емисии од различни области од културата, и да не зборуваме. Кога културата е „последната дупка од свирката“, работата воопшто не е за смеење. Но, секогаш постојат исклучоци од правилото, и тие борци треба да се негуваат и да им се даде поддршка. И ова интервју го гледам од светлата страна на нештата, бидејќи претставуваме фестивал на кој му треба поддршка, на кој му треба публика, и се надевам дека ако успееме по ова интервју да добиеме педесетина нови филмски вљубеници во кино салите, тогаш сме успеале во намерата. Борбата продолжува 😉
Александра Јуруковска