Дита Старова Ќерими е ликовен уметник и универзитетски професор, која како директор на Националната галерија на Македонија е речиси една година. За овој период таа активностите на својот тим ги насочува кон примарната мисија што ја има една ваква институција – не само да биде траен храм на врвните дела на големите мајстори, туку и да го задржи и негува духот на нивното време, со раритетни индивидуални и колективни изложби, било во земјата или во странство. „Во суштина, мојата интенција како примарна е НГМ да биде препознатлива како поим за современа меѓународно етаблирана институција“ – вели во интервјуто за cooltura.mk.
Мојата цел е уникатните вредности на еден природен и едукативен начин да допрат до сензибилитетот и естетското формирање на нашите млади генерации. За ова треба да се создадат нови односи на институцијата со публиката, низ една постојна комуникација со овие вредности, која, според моето мислење, недостига во областа на визуелните уметности, т.е. младите посетители да бидат најбројни во НГМ – истакнува Старова Ќерими.
Кој беше првиот предизвик со кој се соочивте по преземањето на раководното место во Националната галерија на Македонија?
– Постои во мојот развој како ликовен уметник и педагог еден доминантен момент кој ми влеа храброст да прифатам една толку значајна функција и мисија во нашата ликовна уметност и култура, што за мене претставува извонредно голема чест, одговорност, но и постојан мотив да се справам со тешкотиите што ги носи ова одговорно место. На оваа позиција се наоѓал и великанот на нашето сликарство, академикот Никола Мартиновски, како и други значајни личности од областа на нашата култура и уметност. Моите први допири со сликарството се уште во далечната 1994 година, кога за време на мојот петгодишен престој во Париз, во светската претстолнина на уметноста, го посетував ателјето на сликарката Ирен Делоајер (мајка на познат сликар со свои дела во Музејот на модерната уметност во Париз). На напорните часови кај оваа позната сликарка–педагог ја ,,учев’’ сликарската техника работејќи врз копии на големи мајстори, посебно на импересионистите и на модерните сликари (Моне, Мане, потоа Пикасо, Шагал и други). Така настана една цела колекција копии врз платно. При еден престој на академикот Томе Серафимовски во Париз, откако ги виде моите копии и други слики, ме советува апсолутно во Скопје да продолжам со сликарството во средното уметничко училиште ,,Лазар Личновски’’, каде што го проширив и го продолжив моето школување. Овде многу научив за упорноста и за истрајноста во работата, особено кај академик Бајрам Газанфер, кај Ангеле Гавроски… Потоа следеа природно студиите и постдипломските студии на Факултетот за уметност во класата на извонредниот педагог и мајстор Симон Шемов. Се вработив како асистент потоа и бев избрана за доцент по предметите од областа на уметностите при Архитектонскиот факултет на Американ-Колеџ, а во меѓувреме докторирав од областа на историјата на уметноста на тема ,,Муралното исламско сликарство во сакралните објекти во Република Македонија“ под менторство на професорот и шеф на катедрата за Историја на уметноста при Универзитетот во Анкара, професор Мехмет Ибраим-Ѓил. Овојпат довербата е укажана на една релативно млада личност што најголемиот дел од своите активности ги посветува на сликарството, на уметноста воопшто. Верував дека мојот развој може да биде добра претпоставка за мојата работа во НГМ, но допрва стојат вистинските искушенијата. Во рамките на НГМ се наоѓаат трите објекти: култниот објект на Даут-пашиниот амам, потоа ,Мала станица и Чифте-амам. Се разбира, овде не се работи за просто набројување на трите значајни објекти, во кои се присутни значајни уметнички културни настани од национално и од меѓународно значење, туку за значаен процес на прибирање, одржување и прикажување на националните вредности на нашата ликовна уметност. Мојата цел е овие уникатни вредности на еден природен и едукативен начин да допрат до сензибилитетот и естетското формирање на нашите млади генерации. За ова треба да се создадат нови односи на институцијата со публиката, низ една постојна комуникација со овие вредности, која, според моето мислење, недостига во областа на визуелните уметности, т.е. младите посетители да бидат најбројни во НГМ. Со оглед на моето прикажано минато во уметноста и образованието, секако дека сум свесна дека работите во раководењето се восприемаат и на друг начин. Свесна сум дека добив шанса како релативно млад човек, но со оглед на моите 25 години минато со сликарство и сликарска уметност (од вкупно 32 години живот), работите изгледаат поинаку. Нашата позната ликовна критичарка Соња Абаџиева на уште помлади години ќе започне да го води со голем успех нашиот угледен Музеј на модерната уметност.
Кој е Вашиот сегашен предизвик?
– Македонија е земја со силна ликовна традиција, земја со значајни врвови во светот на уметноста. Средновековната уметност ги има светските уникати во црквите и манастирите во охридското крајбрежје, во манастирите „Св. Пантелејмон“ крај Скопје, во Курбиново и на други места. Повеќе генерации сликари ќе се надоврзуваат на големата традиција. Примарна мисија на секоја институција каква што е Националната галерија е не само да биде траен храм на врвните дела на големите мајстори, туку и да го задржи и негува духот на нивното време, со раритетни индивидуални и колективни изложби, било во земјата или во странство. Досега такви врвни изложби Македонија имала во светските култни храмови на уметноста во Париз, Лондон, Рим, Москва и други центри. Исто така, од големо значење како менаџер на една значајна институција од областа на музејската дејност ми се и ревалоризацијата на зачувувањето и реставрацијата на постојниот фонд на уметнички дела во НГМ, бидејќи во депото на НГМ се чувани и негувани значајните вредности на македонското национално уметничко културно богатство. Во суштина, мојата интенција како примарна е НГМ да биде препознатлива како поим за современа меѓународно етаблирана институција. Приоритет ми се вложувањата за означување на сите три објекти како значајни во мапата на културни институции во Скопје. Треба појасен визибилитет на целата институција, да биде атрактивна според програмата што ја нуди од секој аспект и препознатлива на меѓународен план. Секако, овие се почетните мои забелешки што допрва ќе се дефинираат со конкретен менаџерски план во кој ќе се дефинираат сите аспекти на дејствување што се значајни за одржувањето на една институција која ми е доверена да ја водам и да ја обликувам. Ценам дека од аспект на конструктивноста и критичноста ги имаме сите можности како кадар во НГМ за да го освежиме начинот на организацијата на културните активности низ годините. Но, како што ќе каже Пикасо, ќе оставиме на другите да кажат (Другите зборуваат, јас работам.)
Кои се предвидените планови и проекти за во иднина?
– Како доминантна цел на Националната галерија на Македонија и во иднина ќе биде заложбата за зајканувањето на меѓуинституционалните односи со институциите надвор од Македонија. Потпишавме меѓународни меморандуми за соработка со Музејот во Нингбо, Националната галерија во Тирана и со Националната Галерија во Приштина, целта ни е збратимување и создавање заедничка платформа со институциите во регионот. Очекуваме до крајот на годината и потпишаните соработки да се конкретизираат и да дадат позитивни резултати. Во месец ноември веќе очекуваме изложба од Тирана. Со кураторите на НГМ сме во дијалог со значајни институции од земјата и од странство, иницираме значајни изложби како во НГМ, така и надвор од НГМ, на пример, изложбата на Анри Сала, еден од врвните уметници на современата уметност, кој ќе изложува за време на јубилејното означување на 70 годишнината на НГМ во 2017 година, потоа во соработка со МСУ – Загреб е изложбата на Јасминка Цибич. Во соработка со Националната галерија во Приштина нашата групна изложба „Есенција на егзистенцијата“ ќе биде изложувана во Приштина. Да не ги набројувам и другите активности што допрва ќе се реализираат . Наша заложба како институција е и да го зголемиме нивото на презентирање како во Македонија, така и надвор од нејзините граници на професионалните и успешнии автори од Македонија.
Kолку наоѓате време да ѝ се посветите на Вашата кариера и што Ви е преокупација во моментот?
– Пак ќе се надоврзам на Пикасо, кој вели „Работата е неопходна за човекот“. Мисијата на уметникот е тешка, но не и невозможна. Уметникот што е роден како уметник и кој се стреми кон професионално надградување , не може да има ненадминливи пречки. Така и моите сегашни обврски ги сметам за активности што го надополнуваат моето трагање во уметноста. Претходната година изложував во „МЦ Галери“ во Њујорк. Моментало изложувам во Културно-информативниот центар во рамките на Скопско лето и воедно се планира изложбата да биде од патувачки карактер во Македонија и надвор од неа. Главната моја преокупација моментално се информирањето и дејствувањето според современите тековни струи.
Александра Јуруковска